Европскиот шампион Вардар го чека тешко гостување кај бундеслигашот Кил во продолжение од сезоната во Лигата на шампионите. Новиот стратег Стевче Алушовски ќе дебитира во елитното натпреварување со големи проблеми.
Тој нема да смета на повредениот голман Артурс Кугис, па во конкуренција за голманската позиција остануваат Гедбан, Кизиќ и Гогов. Веројатно ниту Бразилецот Толедо нема да му биде на располагање на Алушовски, бидејќи не е подготвен за напорите што ги бара натпревар од Лигата на шампиони.
Рускиот репрезентативец Данил Шишкарев има проблем со воспаление на увото и не тренира, па и тој би можел да го пропушти гостувањето кај „зебрите“. На оваа позиција тренерот на Вардар ги има Иван Чупиќ и Ален Ќосевски.
Кил, со оглед на ростерот со кој играше на пријателскиот натпревар против Хамбург, ќе настапи со најсилниот состав против европскиот шампион на дуелот што се игра на 5 февруари со почеток во 19:00 часот.