Со двете средби во Битола и во Скопје беше комплетирано второто коло во женската младинска лига.
Ѓорче Петров 2 славеше убедливо со 20 голови разлика, 35-15, против составот на Овче Поле СУ. Ракометарките на Милева Велкова водеа на паузата со 22-5 и практично за триесетина минути го решија победникот на овој натпревар.
Кадетската репрезентативка Марија Димоска имаше седум гола и беше најдобар стрелец кај победникот, додека по шест пати реализираа Бојана Ѓеоргиевска и Меланија Јовановска. Нина Крстева постигна осум гола за поразената екипа.
Поинтересен беше мечот во Битола, каде Пелистер се спаси од пораз од Ѓорче Петров, со голот во последната минута, 26-26.
На паузата битолчанки водеа со 16-14, „лавиците“ во вториот дел направија комплетен пресврт, на петнаесетина минути до крај водеа и со четири гола, 23-19, но тоа не беше доволно за триумф.
Беше 26-24 за гостинките, кога остануваа уште две минути, но Котевска, а потоа и Ангелковска погодија и донесоа реми за битолчанки. Двете екипи имаа по уште еден напад, но не реализираа и мечот заврши нерешено.
Младинки, 2 коло:
Пелистер – Ѓорче Петров 26-26
Ѓорче Петров 2 – Овче Поле СУ 35-15
табела: 1. Ѓорче Петров 2 4, 2. Ѓорче Петров 3, 3. Пелистер 1, 4. Овче Поле СУ 0

























