Анализа за Европскиот првак: Системот на Шпанија е победнички, од него сите може да учиме

Александар Царчев ја направи стручната анализа за Шпанија пред почетокот на првенството. Со оглед на тоа што Шпанија ја освои титулата тој ја имаше и завршната анализа на овој шампионат за она што Шпанија го направи на турнирот.

Шпанија стигна до одбрана на титулата и се впиша во историјата веднаш до Шведска, а на ова првенство докажа дека системот којшто го имаат е репер за секоја друга земја и едноставно треба да се применува ако се сака успех. Земјата која пред триесетина години учеше ракомет од Балканот сега едноставно може да продава лекции и сите да учат од неа.

Рибера за ова првенство се одлучи за искусни играчи и тоа секако мора да даде резултат. Се работи за ракометари кои одлично се познаваат и кои имаат голем број на натпревари зад себе. Сепак, на овој шампионат се погодија и работите. Едноставно коцките се поклопија. Имаа слаби моменти, но секогаш знаеја како да ги надминат и да се вратат после нив.

Нивниот систем на игра е таков што едноставно мора да се работи од најниски возрасти во ист стил. Селекторот на сениорите е тој што има контрола и кој секогаш е тука да подели совети на оние од помладите категории и да помогне сè да биде во рамки на она што е потребно. Едноставно мора да се работи, но и да се работи многу на индивидуален план.

Во финалето ме изненади потегот натпреварот да го почне со Коралес на голот, а не со Де Варгас. Се виде голема разлика кога голманот на Барселона се најде на терен. Доколку Де Варгас почнеше можеби натпреварот ќе добиеше сосема поинаков правец. Де Варгас е голман кој многу добро работи анализа и тоа го применува на натпревари. Има огромна концентрација и во секој момент знае како да одигра и каде да тргне. Така и успеа да го собере шестте интервенции кои пресудија во финалето.

На ова првенство Шпанија не понуди ништо ново. Едноставно системот кој го имаат, Шпанците само го проведоа на терен и докажаа дека сите играчи одлично се познаваат. Топката оди многу брзо и тоа дава резултат. Ротациите на ова првенство беа на моменти погрешни, но во поголемиот дел беа точни.

Првите 15 минути против Хрватска ми дадоа можеби и мене некоја лажна слика. После првите 15 минути помислив дека Хрватска ќе успее да победи на овој натпревар. Сепак, Шпанците покажаа дека секогаш го играат својот систем и никогаш не губат глава. Кога се игра така и се применува системот кој се тренира постојано тогаш резултатот доаѓа до игра. Меѓутоа, секогаш треба да се има помош и од голманите, а Шпанија имаше одлични „чувари на мрежата“. Затоа ова е голем успех за Шпанците.

Јасно е и тоа дека секогаш не може да се има континуитет. На Светското првенство лани играа добар ракомет, но не успеаја. Имаа слаби натпревари и тоа ги остави без битка за медал. Се виде и на ова првенство дека со еден слаб натпревар и Данска и Франција отидоа во аут. Минатата година тоа им се случи и на Шпанците.

Сега веројатно работите се отворија и бидејќи во полуфиналето ги немаше ниту Данска ниту Франција. Шпанија воедно е и репрезентација која може да почне слабо, но со тек на првенството да влезе во форма. Како што одминуваа натпреварите така делуваа сè посигурно. Хрватите беа и одлични во одбрана, а им недостигаше подобра игра во нападот. Имаа и 80 минути во полуфиналето. Меѓутоа во финалето, Шпанија не успеа да ги надигра комплетно, туку беше подобра кога требаше.

Не знам како ќе беше доколку во финалето се играше против Норвешка. Тоа е друг тип на ракомет, но мислам дека Де Варгас и во таква ситуација ќе решаваше многу.

Сепак, ова беше едно одлично првенство за Шпанија и сметам дека титулата е заслужено освоена. Патиштата се отворија и на крајот беше постигнат овој успех со кој стана втората селекција која успеала да одбрани титула.