Хрватска загуби од Шпанија во финалето на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска со 22-20. Иако избраниците на Лино Червар се бореа максимално и по големата негатива се вратија во игра, сепак на крајот мораа да му честитаат на големиот ривал.
На минута и пет секунди до крајот, една грешка скапо ги чинеше “коцкестите” ракометари, по што казни Алекс Душебаев.
“Го оставивме срцето на теренот, игравме како тим, на целиот турнир. Поразот е составен дел од спортот, продолжуваме понатаму, ќе биде тешко бидејќи ни претстојат олимписки квалификации. Мислевме дека ќе ги избегнеме, го видовме златото и не знам можеби натпреварот со Норвежаните не чинеше многу емоции и сила. Тажни сме, разочарани сме, но по некое време можеме да бидеме горди, а посебно на навивачите кои не бодреа во салата и пред екраните. Малку недостигаше за да победиме. Сите плачеа, останаа уште малку емоции на овој турнир. Ова е голем резултат за Хрватска, но јас знам дека сите мои соиграчи се победници, се златни. Очекувавме нешто повеќе, но треба се задоволиме сега со ова и да се гледаме напред”, изјави Карачиќ.
Некогашниот бек на Вардар се најде во идеалниот тим на Европското првенство заедно со Домагој Дувњак.