Левиот бек на Еурофарм Пелистер и репрезентацијата на Украина, Владислав Остроушко во интервју за украинските медиуми зборуваше за финансиските проблеми во националниот тим.
Украина го заврши настапот со три порази во прелиминарната фаза, а оваа изјава е уште една потврда дека атмосферата во репрезентацијата не е на посакуваното ниво.
„Непријатно е кога ќе ја прочитате изјавата на генералниот секретар Александар Гладун кој беше со нас на Европското првенство дека играчите во националниот тим размислуваат само за личните интереси и лична корист. Не е важно за кој се однесува ова, дали за помладите или поискусните, сметам дека ова е елементарно непочитување. Слушнав дека претседателот на сојузот Андреј Мелник во текот на првенството на темата бонуси не развогарал со тренерот или тимот, туку со заменик капитенот Сергеј Онуфриенко. Не се плашам од тоа дека нема да бидам повикан повторно во репрезентацијата, го поминав тоа. Ако молчите ништо нема да смените на подобро“, коментираше Владислав Остроушко.
Во однос на ветените награди и бонуси Остроушко истакна дека ракометната федерација на Украина им ги нема исплатено премиите на репрезентативците.
„Ни беше ветена награда за пласманот на Европското првенство уште во текот на квалификациите, ни рекоа дека ќе ги добиеме наградите пред да одиме на првенството. На крајот излезе најлошото сценарио, ни ветија – но не исполнија. Разговаравме во тимот на оваа тема и го заклучивме следното, бидејќи имаме недостаток на финансии некој кој се смета за лидер во ракометот во Украина нека купи лимонада за целиот тим. Така барем ќе знаеме дека нашиот успех со пласман на Еуро 2020 е забележан од луѓето задолжени за развој на ракометот во Украина. Вниманието кое би го добиле би вредело повеќе од парите“, заврши Остроушко.
Тој веќе се посвети на клупските обврски и се приклучи на подготовките за пролетниот дел од сезоната на Еурофарм Пелистер, додека неговиот соиграч од националниот тим Олександр Шевелев, мораше да замине на операција и ќе паузира два месеци.