Анализира за 24ракомет: Горан Андоновски
Натпревар со две сосема различни полувремиња. Одлично прво во кое сè беше речиси перфектно и второ во кое исто како и на првиот меч имавме пад во играта.
Во првите 30 минути играта беше поставена така како што требаше да биде. Имавме одлична 5-1 одбрана, а игравме и многу смирено во нападот каде што не брзавме. Заслужено го добивме овој дел од натпреварот. Борко имаше неколку одбранети удари со кои помогна на одбраната, Мишевски одговори одлично на 5-1. Чесите се мачеа и не можеа да поминат и голема штета е што не успеавме да направиме и поголема разлика.
Едноставно сè беше како што треба од голман до секој поединец на теренот. Од поставеност на одбрана до игра во напад и едноставно штета што на оваа средба не ги решававме подобро ситуациите со играч повеќе на теренот, нешто кое сме знаеле многу подобро да го одработиме на претходните натпревари.
На оваа средба Кузмановски беше многу поопасен отколку на првиот меч. Тргна многу поопасно кон голот на противникот. Танкоски исто така играше добро, а сè водеше кон тоа дека на овој натпревар ќе биде одлично за нас.
Сепак, сето она што го градевме за 30 минути го загубивме за само 5-6 минути игра во второто полувреме кога Чесите направија 6-1. Како да им одговараше таа брканица низ теренот. Како да имаа увидено дека паѓаме во вториот дел од средбата и тргнаа максимално офанзивно и агресивно, па во таквата игра не можевме да се носиме со противникот и паднавме и во одбрана каде што бевме одлични цело прво полувреме. Иако имавме ротација сега не можевме да одработиме како што треба.
Во второто полувреме се смени играта и на Здрахала и Бабак. Двајцата напаѓаа исклучиво на средина и со финта на Маркоски. Селекторот Брестовац го виде тоа но некако доцна бидејќи многу доцна го постави Талески да затвори и тогаш Здрахала и Бабак не можеа така лесно да поминуваа. Во второто полувреме и Мишевски доби помала минутажа.
Воедно во овој дел Каспарек одигра натпревар на кариерата бидејќи за 50 минути имаше 6 од 6, а притоа имаше неколку шутеви во кои погодуваше во агол. И Здрахала двапати погодуваше во статива, а топката завршуваше во гол. Тоа се шутеви кои ги има еднаш во месец и се погодија ете денеска. На сето ова во второто полувреме и среќата не ни беше наклонета, па и голманот Галија уште еднаш одбрани неверојатно.
Факт е дека имавме пад во вториот дел од средбата. Како и зошто е тешко да се каже кога се гледа вака натпреварот. Ние паднавме во второто полувреме и против Украина. Сепак, за разлика од тој дуел Чесите денеска знаеја да ги искористат одбраните на Галија.
Во напад не дека бевме немоќни, но повторно доста промашивме. Последните 15 минути кога се решаваше Стоилов мораше да игра во напад. Не знам дали се работеше за повреда или за одморање, но Пешевски и денес промаши зицер, па ако Стоилов се одмора тогаш е подобро тоа да биде на крај на прво или почеток на второ полувреме за да биде на терен кога се решава победникот.
И покрај сите проблеми ние и денеска имавме свои шанси. И денеска до крајот бевме во трка за победа. Меѓутоа, не можеме секоја Хичкок завршница да ја добиеме. Лазаров е вистински лидер на овој тим и штета за него што денеска не успеавме да дојдеме до победа.
Сепак, имаме уште еден натпревар кој ќе одлучува. Покралитетни сме и треба да се здружиме и да не напаѓаме. Сега не треба да се правиме сите паметни и да бараме грешки туку да им дадеме поддршка на сите во стручниот штаб и во репрезентацијата. Никој не разочара во ништо. Не е срамота да се загуби од Чешка. Сме имале вакви многу хорор завршници, па сме излегувале како победници. Но тоа е спортот некога и ќе загубиме.
Затоа што побрзо да се заборави овој натпревар. Да се насочиме веднаш кон натпреварот против Австрија и да се подготвиме за него. Денеска игравме подобро отколку против Украина, но загуивме. Мораме да видиме зошто ни се случува падот во второто полувреме и да најдеме начин како да го подобриме овој дел од мечот. Сметам дека сите заедно можеме до успех.
Според мене поквалитетни сме од Австрија и верувам дека можеме до победа во вторник иако Австријците се домаќини. Очекувам сите заедно да се радуваме после тој натпревар.