ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Е вака се навива!

Салата на утакмицата против Брест не беше полна, како и што (за жал) се очекуваше. Но, отидовме полни со елан да го видиме нашиот шампион како се враќа на победничката патека. Всушност, како за недела попладне, после семејните ручеци и дремки, сите беа некако опуштени и расположени за гледање ракомет, па што биде, нека биде.

Главен во тимот на Вардар дента беше Калараш. Реши тој да биде мотиваторот кој ќе ја подгрее атмосферата во тимот, но и на трибините. Им честиташе на колегите за добрите акции, ја бодреше публиката, се бореше на теренот, па дури и премногу, што во еден момент судијата се мислеше дали да му покаже жолт картон. Е тоа беше сцена како од Кунг фу панда, тој со раката покажува кон џебот на судијата „Стој“, „Во ред е, не го вади картонот“…. И така неколку секунди кои личеа на паузиран филм. Навистина успеа да не` расположи во првиот дел од мечот. Резултатот беше неизвесен, но во наша полза, па во недостиг на кафе, релаксирано следевме. Конечно на теренот се врати Столе, духот на нашиот шампион. Навистина се чувствува промена во расположението и играта со него на терен. Почна да се зголемува водството и навивачите некако се опуштија дека ова е нашиот тим, кој се врати по двата тешки порази. И тука сите како да се разбудија… па зошто сме ние овде? Почна да се пее „Тебе те сакаме, тебе те бодриме…“ и тоа стануваше поинтензивно и поинтензивно, погласно и погласно… Како сите да влегоа во транс. Салата не беше полна, но звучеше како да е двојно поголема. Ова траело некои 7 минути без престан… Нешто што мислам дека го немам доживеано до сега. На крајот бевме наградени со убав цепелин од Чупиќ и Столе.

Голманите немаа свој ден и навистина овој период никој не би сакал да е во нивна кожа. Но, прилика да блесне имаше малиот Кизиќ. Детето влезе со двојна одбрана во игра. Отпосле дури беше прогласена за одбрана на колото. Ако вака почнува неговата популарност, се надеваме дека допрва ќе има што да покаже. А наше огромно задоволство е што тој е и еден од идните потенцијални носители на одбраната на македонската репрезентација.

Во прилично голема еуфорија и расположение, а и многу голови, завршивме со победа. Надеж дека карактерот на Вардар е тој што ќе повлече за поголеми дострели и оваа сезона.

А наше е да сме тука покрај нив, бидејќи тие играат во голема мера и за нас. Мислата која остана по оваа утакмица е: Е вака се навива!

ПИШУВА А.К.Н.