Репрезентацијата на Русија последните подготовки пред стартот на Европското првенство ги поминува во Скопје.
Тренинзите се одвиваат во СЦ „Јане Сандански“, а со оглед на тоа што селекторот Едуард Кокшаров пристигна во Македонија дури вчера, за да не се губи премногу време, неговите избраници ќе тренираат на 31 декември и на 1 јануари.
„Ќе се собереме на скромна прослава во нашиот хотел. Големи прошетки нема да има. И на 31 декември и на 1 јануари планиран е тренинг. Ако не се лажам, на таков начин славиме Нова Година веќе трета година по ред. Но што да се прави? По завршувањето на кариерата ќе имаме шанса да славиме, освен ако нашите големи натпреварувања не се играат на лето“, низ шега истакна Тимур Дибиров за рускиот „Брз Центар“.
Русија ќе игра во шведскиот Малме во групата Е заедно со Данска, Унгарија и Исланд.