Еден од домаќините на Европското првенство во јануари, Австрија, кој е противник на Македонија во групната фаза во своите редови ќе има и ракометар кој потекнува од скијачко семејство. Томас Ајхбергер во моментов има 26 години, а на свои 13 години морал да донесе одлука околу спортот.
Притисокот бил да ја продолжи традицијата со скијањето, но тој се одлучил за ракометот и вели дека не погрешил.
„Дефинитивно донесов вистинска одлука“, вели Ајхбергер во интервју за Ракометната федерација на Австрија.
Тој ќе биде еден од голманите во тимот кој ќе се обиде да помогне Австрија да се пласира во втората рунда. Покрај Македонија и Австрија во Групата Б се наоѓаат и селекциите на Чешка и Украина, а само првите две продолжуваат понатаму.
Во моментов тој игра во првенството на Австрија каде од 2011 година ги брани боите и голот на Грац. Се работи за ракометар кој е висок 195 сантиметри.