СЕДМЕРЕЦ: СЕХА за сега…

Нексе го прегази Вардар, а Веспрем „падна“ два пати кај дебитантите, во Шабац и во Битола. Едниот е европски шампион другиот вицешампион, ама ова е СЕХА.

1.Битно или небитно?

Шампионската 2019 година, Вардар натпреварувачки ја заврши со еден од најубедливите порази во последните 5-6 години од „новата ера“ на македонскиот бренд. Во 10-от натпревар од годинашната СЕХА лига, вардарци беа поразени од Нексе со 16 гола разлика. Во Нашице сигурно ќе го паметат денот кога го победиле европскиот шампион со 42-26. Небитно што Вардар е само на хартија во записникот, а на теренот во Нашице, всушност, беше Вардар јуниор плус Димитриоски од првиот тим.

Небитен беше и резултатот за поредокот на табелата. Вардар секако е сигурен на врвот на табелата во А групата, па можеа да си дозволат шампионите да се сончаат, а децата да доигруваат.

Но, битен е впечатокот и односот. Како прво, битно и поразително е што европскиот шампион во позадина нема база и тим што би бил конкурентен ни на ова регионално ниво.

Како второ, битен е и рејтингот на регионалната СЕХА лига, која, нели претендира(ше) да биде во Топ 3 во Европа, рамо до рамо со француската и со германска. А, сега излегува дека СЕХА е лига за проигруивање на вторите состави, за тактизирање и дозирање… Битни се тие два-три дена во финишот на Ф4, а дотаму битно е само да се обезбеди местото и да помине редот. Впрочем, не е само Вардар. Слични комбинации со резервни тимови и неочекувани резултати, сезонава често сервираат и Мешков Брест и Веспрем.

Долго траеја преговорите и на големо беше најавено враќањето на унгарскиот тим во СЕХА лигата како магнет за публика и гаранција за повисок рејтинг и квалитет. Но, актуелниот европски вицешампион од толку „сериозно“ што влезе во СЕХА, дозволи два пати „историски“ да биде поразен од дебитантите. Прво од Еурофарм Работник во Битола, а во завршниот меч за годинава, и во Шабац од Металопластика. Тешко може да се поверува дека европскиот вицешампион со целиот ростер на играчи што го има, може да биде надигран и изненаден од дебитантите во СЕХА, ако му е битен настапот. И кој е ефектот за регионалното натпреварување, ако сето тоа е небитно за најбитните „играчи“ во лигата?

2.Враќање на „сехашите“

За некого битно, за некого небитно, во уште еден од оние двоцифрени резултати во СЕХА лигата, Еурофарм Работник ја заврши годината на +12 во Москва. За битолскиот тим ова е најубедлива победа сезонава, прва гостинска во дебитнатската сезона во СЕХА, втора двоцифрена по онаа против Металопластика дома. Четвртата победа на „фармацевтите“ им го обезбедува четвртото место во групата за реалтивно успешен крај на годината во која имаа  и подеми и падови и„црни дупки“ и историски победи, но и серија порази за еден гол и тренерска смена пред крај.

Настапот во СЕХА лигата и понатаму останува таргет за претендентите на првите две позиции во македонскиот плеј-оф. Но, по се она што го видовме годинава во регионалната лига, од оваа сезона поделена во две групи, со се повеќе „небитни“ резултати и со се помалку „битна“ бројка на трибините, одново и одново се отвора прашањето – дали за ваква СЕХА вреди да се стави во втор план домашното првенство? Или што поскоро треба да се реализира се погласната заложба за промена на системот на натпреварување и враќање на „сехашите“ во Супер лига, од почеток до крај, а не само во плеј-офот.  Суперлигашкото првенство така ќе добие на квалитет, а СЕХА нема да загуби ништо повеќе од ова сега.

3.Кога Б е пред А

Освен чудните завршни дуели во СЕХА лигата, изминатава седмица донесе помалку нелогични и чудни резултати и на македонската репрезентативна младина.

Втора година по ред во организација на РФМ во Автокоманда се одржува реномиран меѓународен турнир за млади категории на репрезентативно ниво. Убава идеја, убава реализација со тенденција да прерасне во традиција на крајот од годината.

И се ќе беше убаво ако не испаднеше дека кадетската „Б“ репрезентација на Македонија е посилна од „А“ составот во оваа генерација. Во конкуренција на своите врсници од Србија, БиХ и од Бугарија,  „Б“ селекцијата на Македонија заврши на второ, а „А“ селекцијата на четвртото место! Во меѓусебниот дуел Македонија „А“ и Македонија „Б“ одиграа нерешено 22-22, но оние од вториот состав беа подобрите речиси во текот на целиот меч.

Добро е ако имаме две силни постави во новата генерација, но, лошо е ако тие уште од старт се намерно или случајно погрешно селектирани. Колку и да била ова турнирска „рандом“ поделба сепак, е национална репрезентација.

Битно или не битно, сепак, сè уште А е А, а Б е Б!

Или треба да биде… За да не биде после како онаа позната анегдота од соблекувалната. Одамна е, ама уште се памети и „за памет“ се раскажува и ден денеска како еден наш краткотраен поранешен репрезентативец по не многу блескавото деби во националниот дрес влегол во соблекувалната и воодушевено прашал:

„Јел сам добро шутнуо, ону што сам промашио…?“

Така ми ја раскажаа, така ви ја пренесувам…