Победа за Македонија за позитивен крај на турнирот во Анталија

Репрезентативките на Македонија се изборија за триумф од 30:27 на последниот меч на турнирот во Анталија, а денеска беше совладана селекцијата на Косово.

Македонија беше подобриот противник во поголемиот дел од средбата и немаше проблеми за да се избори за триумф. Успеа уште во првиот дел од натпреварот да биде во предност и водеше со 17:13, а потоа во вторите 30 минути го чуваше ова водство.

Оваа победа беше доволна на крајот од турнирот Македонија да има сигурно 2. место со оглед на тоа што не се очекува Италија да изненади против првиот состав на домаќинот, Турција.

Денеска прв стрелец беше капитенот Елена Ѓеорѓиевска која успеа да постигне осум гола. По шестпати прецизни беа Симона Стојановска и Ангела Јанкуловска.

После оваа акција останува да биде довршен есенскиот дел од сезоната во Женската лига, а потоа има најава за нов собир на ракометарките кој би требало да се одржи на Маврово.