Кога на едно место ќе ги сретнеш Веселин Вујовиќ, Бранко Тамше, Филип Гарден и Звонко Шундовски ќе ја разбереш величината на турнирот во Струга.
Кога на едно место ќе ги сретнеш Веселин Вујовиќ, Бранко Тамше, Филип Гарден и Звонко Шундовски ќе ја разбереш величината на турнирот во Струга. Со багаж од четириесет и шест години не е лесно да се задржи реномето и класата на највозрасниот ракометен турнир во Македонија. Затоа она што оваа година го видовме на ракометното игралиште во Струга е единствено. Има некоја магија околу овој турнир, блискост меѓу публиката и ракометарите, врска која не може да се доживее низ спортските сали.
Традицијата која се негува со години овојпат му беше доверена на претседателот на РК Струга, Наумче Мојсовски. Покрај Охридското езеро, за прв пат дојде словенечка екипа, го освои турнирот, а тренерот Тамше посака да се врати и следната година. „Македонската“ Констанца во финалето загуби, но ги освои симпатиите на стружани. Затоа во втор план останаа врвни екипи како Феникс Тулуз, Бешиташ и Алингсас. Ракометот никогаш подобар, во пет дена публиката можеше да ужива во одличен ракомет, а публиката во Струга разбира ракомет. Видовме ракометни мајстори на терен, но и на клупите на екипите, видовме натпреварувачки дух и желба да се биде најдобар. Чиниш не се работи за подготвителен период. Публиката тоа го награди. Трибините беа исполнети секој ден, со овации се поздравуваше секој спортски блесок. Покрај македонските репрезентативци вниманието на струшките навивачи беше насочено најмногу кон младите ракометари на Целје. Се задржуваа и по половина час по натпреварот и трпеливо се сликаа со младите љубители на ракометот. Еден ден овие спомени ќе вредат многу…
Дружба во одлична атмосфера, ракометни легенди во публика, пријатели и непријатели, сите заедно уживаа во пет дена на ракометното игралиште кое од оваа сезона го доби името „Наумче Мојсовски“. А токму претседателот Наумче Мојсовски за крај посака наредниот турнир да започне со нова трибина и покрив, за да се заокружи комплетното уживање во ракометните мајстории кои секој август ги нуди струшкиот турнир.
Тренерите беа едногласни, играчите потврдија, а еден од македонските делегати го заокружи впечатокот „Во мојата 25 годишна кариера на струшкиот турнир ова е најдобро организираниот досега!“.
Кога на крајот на денот ќе посакаш да трае уште… знаеш. Некој одлично си ја завршил својата работа. Велат „Како Струга нема друга“! До Струга 2019…