Натпреварувањето во Лигата на шампиони за жени започна, а веќе во првото коло имаше некои неочекувани резултати. Екипата на Будуќност беше домаќин на францускиот Брест од кој препрпе пораз 32:35. Во домашниот состав настапија неколку поранешни ракометарки на Вардар – Радичевиќ, Лазовиќ и Вујовиќ.
Почетокот на натпреврот беше во знакот на гостинките од Франција кои го имаа почетното водство, но во продолжението на натпреварот Будуќност ја презема контролата. Постојано беше во предност два до три гола, а на полувреме замина со минимални 17:16.
Будуќност беше во предност до 40. минута кога Брест израмни на 22:22. Од тогаш гостинките беа во предност и не си дозволија да го испуштат до крај со што остварија голема победа на ова гостување. Најефикасна во составот на Будуќност беше Јауковиќ со осум гола, а Радичевиќ и Мехмедовиќ постигнаа по шест. За Брест, Ана Грос беше најпрецизна со седум гола.
Кристиансанд изненадувачки беше многу убедлив на домашен терен против Ференцварош и славеше победа со 31:22. Норвежанките по 30. минути имаа водство 16:11,а до крајот на мечот продолжија со исто темпо и остварија победа на отварањето на Лигата на шампионите.
Ростов исто така отвори со домашна победа која беше очекувана против претставникот од Полска, Лублин. Русинките имаа прилично лесна задача, многу брзо направија добра предност која полувреме беше двоцифрена и доволна за победа кога водеа 21:11. До крајот одиграа рутински за првата победа.