Куманово успешно го заокружи турнирот од ВРХЛ на кој беше домаќин од петок до недела со втора победа, овој пат против спрскиот претставник Зајечар. Куманово триумфираше со 32:25.
Првото полувреме помина во изендачена игра, екипите го менуваа водството, но тоа беше минимално и на двете страни. Ниту ракометарките на Куманово ниту на Зајечар не успеаја да стигнат до предност во пресрет на вториот дел. Првото полувреме заврши нерешено, 14:14.
Куманово подобро започна во вториот дел и по седум минути игра стигна до пет предност, 20:15, што беше знак за тренерот на Зајечар да побара тајм аут. Но во продолжението ништо не се промени, разликата продолжи да се зголемува. На средина на вториот дел беше 25:18.
До крајот Зајечар се обиде да се врати во натпреварот, но ракометарките на Куманово не го дозволија тоа. Одлично второ полувреме имаа репрезентативките на Македонија, Гичевска и Боризовска кои беа носители на победата заедно со голманката Косановиќ која собра 12 интервенции.
Најефикасни во составот на Куманово беа Гичевска со осум погодоци и Боризовска која постигна шест гола. Во гостинскиот состав најмногу се истакнаа Терзиќ со шест гола и Стамениќ со пет погодоци. Одличен настап на голот на Зајечар имаше Алма Реџеплар со 18 интервенции но и тоа не беше доволно за позитивен резултат.
КУМАНОВО – ЗАЈЕЧАР 32:25 (14:14)
Сала: СОУ Перо Наков во Куманово. Гледачи: 500. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола. Делегат: Марјан Начевски од Скопје.
КУМАНОВО: Косановиќ (12 одбр.), Пецанова, Трајковиќ 5, Ивановска 1, Боризовска 6, Шарановиќ 1, Чокели 5, Стојчевска, Јанкуловска 1, Кирпијановска 2, Наумовска (1 одбр.), Краљевска, Цветановска, Гичевска 8, Глигоријадис 3.
Седмерци: 3/3. Исклучувања: 4 мин.
ЗАЈЕЧАР: Живиќ, Чакмак 4, Зечевиќ 3, Милошевиќ 2, Терзиќ 6, Шарониќ 2, Станојловиќ, Балевиќ, Стамениќ 5, Богојевиќ 3, Вујадиновиќ, Реџеплар (18 одбр.).
Седмерци: 1/2. Исклучувања: 2 мин.