„Подобар ривал од Македонија и да сакавме, немаше да најдеме“

Машката сениорска репрезентација ќе одигра два пријателски натпревари со Грузија како дел од подготовките за настап на Европското првенство во јануари. За Грузија, пак во тој период, ќе следува претквалификациска фаза за СП 2021 и за ЕП 2022, па за нив овие два дуели исто така ќе бидат добредојдени.

Селекторот на Грузија, Никола Максимовиќ, вели дека и да сакале, немало да најдат подобар ривал за тест натпреварите.

„Условите овде се одлични, сместување, организаија, превоз, услови за тренинг, добивме термини колку што сакавме. натпреварите со Македонија за нас се многу важни пред стартот на претквалификациите за СП и ЕП, подобар ривал не можевме да најдеме.  Момците добро тренираат, се  надеваме дека и добро ќе одиграме. Очекувам да видам колку можеме против еден квалитетен состав како Македонија“, вели Максимовиќ за 24Ракомет.

Во селекцијата на Грузија има повеќемина ракометари што порано биле дел од Суперлигата или играат оваа сезона. Тука се Чантурија, Орјоникидзе, Кбилашвили, Цителишвили, Дикамнџија…

„Имаме многу ракометари што играат или играле во макеоднскиот шампионат, уште неколку интернационалци во Унгарија, Португалија, Франција, Романија…доста ја подмладивме селекцијата во однос на претходниот период. Имаме доста простор за напредок. Повеќето ракометари имаат од 19 до 22 години и сигурен сум дека оваа генерација може многу да направи. Се надевам дека ќе успееме да се пробиеме до квалификациите за ЕП 2022 и така да го подигнеме на едно ниво погоре грузискиот ракомет“, заврши Максимовиќ.

Првиот натпревар меѓу Македонија и Грузија се игра вечерва од 20:00 часот, додека утре мечот почнува од 16:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.