Ракометарките на Металург на почетокот на сезоната играат многу сигурно, a во 4. коло од Женската лига остварија нова рутинска победа. Во салата „Автокоманда“ беше совладана екипата на Деспина со 36:29.
Металург беше во предност од почетокот до крајот на натпреварот. Избраничките на Јулијана Дамчевска многу рано стигнаа до сигурно водство кое без проблем го одржуваа. По 30 минути шампионот имаше предност од 20:14.
На почетокот на вториот дел домашните стигнаа и до највисока позитива од девет гола, а тоа беше разлика која не беше достижна за екипата на Деспина. До крај гостинките од Прилеп само го ублажија поразот. Со оваа победа Металург останува на првата позиција со перфектен биланс.
Најефикасна во победничката екипа беше Јана Калајџиевска со десет гола, додека Ива Божиновска постигна шест. Во составот на Деспина, Сања Цветковска со шест погодоци беше најпрецизна.