Денеска со натпреварот во Романија, меѓу Олчим Валчеа и германскиот Битигхајм, ќе биде означен стартот на новата сезона во женската Лига на шампионите.
Ова натпреварување секоја година губи од својот квалитет, па ЕХФ треба добро да размисли за системот на натпреварување и екипите кои што играат.
И оваа сезона најголем фаворит за титулата ќе биде Ѓер, кој три сезони по ред се искачува на европскиот трон. Иако по заминувањето на Амброс Мартин, сите предвидуваа пад, сепак и неговиот заменик Дани Габор, ја продолжува серијата.
Има неколку играчки промени во Ѓер, но костурот на тимот од лани е ист – Гербиц, Аморим, Офтедал, Лејно, Гримсбо, Хансен…а сезонава им се приклучија и Куртовиќ, Булатовиќ, Нзе Минко, па тешко е да се поверува дека може некој да му застане на патот на овој тим.
Главни предизвикувачи ќе бидат Ростов Дон, Мец и Кристијансанд, кои и лани беа дел од завршниот турнир, а од позадина својата шанса ќе ја гледаат Ференцварош, ЧСМ Букурешт и Будуќност.