Го играме третиот натпревар на ова Европско првенство против репрезентација, која е од втор ешалон, од втора категорија во европскиот ракомет, категорија во која припаѓаме и ние, и првпат не би се согласил со селекторот дека сме аутсајдери на овој натпревар, бидејќи колку што играше добро Швајцарија со Франција, на тој дуел зеде бод, така многу полошо од нас одигра во дуелот со Германија, сметам дека може да парираме во двата правци на овој натпревар и мислам дека шансите ни се 50-50, плус, ако земеме во предвид и дека во меѓусебните дуели имаме подобри резултати. Швајцарија е квалитетна репрезентација, неколку нивни играчи играат одлично во Бундес лигата. Енди Шмид на вториот натпревар блескаше, на првиот не се покажа во добро светло, тој е нивен главен играч, главен организатор, главен асистент за пикерите, исто така Лени Рубин е искусен бек, кој настапува во Вецлар, од нив двајца ни доаѓа најголемата опасност. На пикерската позиција покажаа дека освен Лукас Мајстер го имаат и младиот Лукас Лаубе, кој даде девет гола против една силна Франција.
Мислам дека со наша добра игра во одбрана и со стилот кој го диктира Лазаров со брза транзиција, ќе можеме да и се спротиставиме на Швајцарија и да победиме. За нас овој е многу важен натпревар, со победа ќе имаме полесен ривал во баражот за квалификациите за Светското првенство 2025. Сметам дека нашиот селектор ќе проба со два видови одбрана. На овој натпревар ќе може да се одигра 5-1 во одбрана, со цел повеќе да го оддалечиме Шмид од пикерите, бидејќи имаше над 10 асистенции во дуелот со Франција, особено многу топки имаше кон пикерите Мајстер и Лаубе и беше најголема опасност. Значи може 5-1 формација со Петар Атанасијевиќ, повеќе кон Шмид, но и исто така кон Рубин кога би одел да реализира кон средина, тука би бил Атанасијевиќ со својата борбеност да го спречи.
Мислам дека првпат може да одиграме некое време 5-1 квалитетна одбрана со овој ривал. Сметам дека селекторот Лазаров ќе заигра со најсилната наша варијанта 6-0 одбрана, тоа би било Талески и Лазаревски на средина, на халфови Кузмановски и Петар Атанасијевиќ од една страна, од друга страна Велковски и Јагуриновски. Така сметам дека имаме една добра, подвижна, длабока 6-0 одбрана, каде што повеќе концентрација би имале на левата бековска и средината позиција и пикерите, бидејќи до сега Швајцарија на десната бековска позиција не покажаа ништо посебно. Мислам дека овој натпревар може да го добиеме со цврста одбрана и брза транзиција, таа транзиција ја практикува нашиот селектор уште од кога е дојден на селекторската функција и мислам дека во таа брза транзиција треба да ја нападнеме нивната десна страна, таму каде што е Рубин и Шмид, двајцата многу се потрошија во дуелот со Франција, доста би ги умориле со таа брза игра.
Ние покажавме дека и против јаки репрезентации може да постигнуваме доволно голови, но се паѓа во вода доколку многу грешиме и не играме одбрана, имаме најмногу технички грешки од сите репрезентации на првенството. Што и да кажеме, никогаш не може да добиеме натпревар каде што во просек имаме 20 технички грешки. Се надевам дека на овој натпревар ќе ги намалиме техничките грешки и ќе успееме да го добиеме. Имаме квалитет, свежина, тркачки сме добро подготвени, се виде тоа на претходните два натпревари, подмлади сме во однос на Швајцарија, треба да имаме поголема желба и борбеност, да има малку подобра игра, да видиме светло на крајот на тунелот, дека можеме подобро, дека можеме да се вратиме во првиот ешалон во европскиот ракомет, а ракометарите треба тоа да го покажат на терен и се надевам дека денес ќе победат.
После завршувањето на Европското првенство сигурно треба да се размислува кои играчи да играат, дали некои заслужуваат да го носат дресот на репрезентацијата. Секако, да се прошири ростерот на играчи, да се внимава на физичките предиспозиции на играчите, да можат да играат во два правци. Пак ќе кажам, на ова Европско првенство многу репрезентации кои лесно би постигнувале голови и кои имаат екстра квалитетни играчи, многу внимание посветуваат во играта на одбрана, претежно 6-0 одбрана и со таква одбрана ги добиваат натпреварите. Така беше и на Светското женско првенство, така ѐ и на ова Европско машко првенство. Нека ни послужи ова Европско првенство како последна шанса за да видиме каде заостануваме за да продолжиме напред, бидејќи сите во Македонија најмногу го сакаме ракометот.
*Горан Андоновски е поранешен репрезентативец кој настапи за Македонија на првото учество на Европските првенства во Италија во 1998 година. Во играчката кариера настапуваше за Охрид, Преспа Јафа Промет со која играше во Лигата на шампионите, Пелистер, Вардар…Во тренерската кариера го водеше Охрид до место во Европа, а беше дел и од кавадаречки Тиквеш, пред да се врати во родниот град.