24АНАЛИЗА: Победата отвора светло на крајот од тунелот, на ова ЕП имаше и позитивни и негативни страни

Сите сме среќни што Македонија на последниот одигран натпревар на Европското првенство покажа дека може да се носи и со бундеслигашки играчи. Пред натпреварот во колумната напоменав дека имаме реални шанси за победа и на кој начин може да ја оствариме таа победа и тоа што се оствари на терен е голема заслуга на играчите и стручниот штаб на репрезентацијата на Македонија. Покрај тоа што имаше доста негативни страни, има и многу позитивни страни на ова Европско првенство во нашата репрезентација. Добивме играчи на кои може да сметаме многу години. Милан Лазаревски покажа дека ќе биде одличен играч во два правци, на Петар Атанасијевиќ, кој е дрзок во одбрана и напад, ова му е прва голема минутажа на едно вакво натпреварување, Ненад Костески веќе не е талент, туку е еден одличен играч, Томовски ја искористи шансата и сигурно ќе биде темел на нашата одбрана на понатамошните првенства и најважното од се, го добивме „македонскиот“ Зарабец, Јасухира, Бомбач, Стеинс…во името на Марко Митев. На денешниот натпревар Митев покажа дека може да биде носител на играта на Македонија во наредните 20 години. Победата над Швајцарија отвора светло на крајот на тунелот и покажува дека можеме да играме против сите репрезентации, се покажа дека без одбрана не може да добиеме ниту еден ривал, денес првпат одигравме одбрана како што треба, на крајот не послужи и среќата за да го добиеме натпреварот, но и заслуживме да победиме.

Почнавме една 6-0 агресивна зона во најдобрата можна варијанта, единствено, играчите беа одлично поставени во таа 6-0 одбрана, со Талески и Маркоски на средина, Атанасијевиќ и Јагуриновски на халфови, имавме една добра подвижна средина, игравме одлично и блокерски и мое мислење е дека на таа средна позиција треба да почнува Лазаревски во одбрана, бидејќи е многу добар и агресивен играч, покажа во последните напади на Швајцарија колку е агресивен и грешките на Швајцарија во клучните моменти беа и негова заслуга. Одлично функционираше одбраната, борбено, како што треба, тука се приклучи и голманот Томовски, кој одлично бранеше и имаше поддршка од одбраната, но и одбраната имаше поддршка од него. До 3:3, одбраната наша беше многу добра и немавме многу среќа што Пешевски и Атанасијевиќ промашија зицери и не можевме да се одлепиме, на нерешени 4:4, исто така, уште неколку грешки, не ги искористивме шансите, но продолживме да играме максимално во одбраната, Томовски продолжи со одличното издание на голот и дојдовме убава предност од 10:5.

Лазаров одлично ја чуваше енергијата на играчите, Талески го замени со Кузмановски, Митев со Џонов, Лазаревски со Пешевски, Јагуриновски со Велковски, така ја држеше свежината во екипата. Навреме, после доближувањето на Швајцарија на 10:8, направи неколку измени, постави седум на шест и повторно успеавме да се одлепиме и да го завршиме првото полувреме со предност од 13:9.

Првата грешка на Лазаров во второто полувреме е тоа што го постави Џонов на двојка, тука примивме неколку голови, имаше исклучување на Џонов при водство на 17:12, многу пати низ колумните кажав дека Џонов не може да игра на двојка и тоа се покажа на терен. Тој е напаѓачки одличен, но двојка во одбрана дефинитивно не може да игра на високо ниво во репрезентацијата. Се вратија ракометарите на Швајцарија, беа упорни, меѓутоа ние продолживме со одлична игра во напад и одбрана се до 44 минута и водство од 21:17. Портнер се разбрани, Томовски падна, Марковски падна, имаше неколку падови, дозволивме Швајцарија да се врати, можеби требаше порано да биде заменет Томовски со Кизиќ, а исто така Лазаревски многу порано мораше во второ полувреме во одбрана да добие шанса на средина со Талески, бидејќи преморен беше Маркоски, тука паѓавме тука во одбрана, среќа што Лазаров во клучниот период ги постави Талески и Лазаревски на средина во одбрана и успеавме да триумфираме.

Лазаров денес одлично ја водеше селекцијата во секој момент, менуваше кога беше најпотребно. Покажавме дека може да се носиме со една Швајцарија, покажавме дека може да се носиме со квалитетни играчи кои играат во Бундес лигата, сега преостанува репрезентацијата да има многу повеќе собири за уште повеќе да ја надоградиме играта, а ние тренерите во клубовите повеќе да работиме со младинските и сениорските категории, да извадиме играчи, да се размислува за физичките предиспозиции и да продолжиме да играме на големите натпреварувања. Денешниот натпревар покажа дека и Филип Кузмановски и Филип Талески можат да бидат носители доколку се вклучат во системот.

*Горан Андоновски е поранешен репрезентативец кој настапи за Македонија на првото учество на Европските првенства во Италија во 1998 година. Во играчката кариера настапуваше за Охрид, Преспа Јафа Промет со која играше во Лигата на шампионите, Пелистер, Вардар…Во тренерската кариера го водеше Охрид до место во Европа, а беше дел и од кавадаречки Тиквеш, пред да се врати во родниот град.