СЕДМЕРЕЦ: Модифицирано

Ваучерот од 2024 ќе го нема во сегашната форма, се модифицира. Системот на натпреварување во ракометните лиги заглавен на ваучерот, остана на разгледување

1.Ракометот и ваучерот

Од едни фален до небо, од други куден реално, на ваучер системот му дојде крајот. Барем во оваа досегашна посредничка форма со даночно ослободување на оние кои донираа во спортот и го „книжеа“ ваучерот, во целост или поделен за процент.

Пари од државата за спортот велат, пак ќе има, само друга ќе биде формата и најверојатно, критериумите и отчетноста за трошењето на парите. Нешто модифицирано, но се уште законски недопрецизирано. Доволно за да внесе збрка и метеж меѓу ваучерџиите, откако собранието изгласа укинување на Членот 30 од Законот за данок на добивка, а алтернативното решение за доделување пари од државата за спортот се уште е „во процедура“

Ракометот или попрецизно одреден број луѓе во него арно си проживеаја од ваучер системот во изминатите 4-5 години. Можеби, немаше многу, но за дел имаше по нешто и да остане.

Врзано за ваучерот директно и солидарноста „да не оставиме некого без пари“, на последното годишно Собрание на РФМ заглави, односно заврши на „дополнително разгледување“ предлогот за измена во системот на натпреварување со скратување на Суперлигата како највисок ранг на 8 до 10 клубови од сегашните гломазни 16 и „модифицирање“ на единствената женска лига. Затоа што ситните бодови за ваучерот беа посилен аргумент од концентрацијата на квалитет.

Сега кога ваучерот се модифицира, слободно може да се модифицира и ракометната Супер лига.

„Клубовите веќе е редно да се професионализираат на вистински начин, а не единствено да чекаат само државна помош за да преживеат. Од анализите е увидено дека тој начин на финансирање не дава сериозни резултати, ниту пак дополнителна општествено-спортска вредност“, посочи професорот Иван Атанасовски.

Професионализацијата на клубовите е рак-рана и во ракометот, без разлика што тој е спортот број еден во Македонија. Посебно во женскиот ракомет во кој професионалните клубови се бројат на една рака.

2.Вреднување на женскиот ракомет

Модификацијата на ваучер системот можеби во перспектива ќе донесе и неопходна модификација и на системот на натпреварување во сега единствената женска ракометна лига во која во ист ранг се и професионалните и полу-професионалните клубови сезонава вкупно на број 14.

Со оправдување дека малку се клубови за две лиги, опстојува(ше) единствената женска лига поделена во две групи која поради ваучерот беше попогодна за полу-професионалните клубови кои генерално, постојат и опстојуваат со тие средства. И не многу погодна за клубовите со поголеми вложувања и амбиции. Што генерално, го донесе женскиот ракомет во подредена положба.

Изборот на играч на колото и ол-стар тим што неколку сезони наназад се практикува за машката лига, а од сезонава 24Ракомет го воведе и за дамите на македонската ракометна сцена е мал, но за ракометарките и за клубовите значаен потег за популаризација на женскиот ракомет. Воедно и вреднување на најдобрите и можеби мотив плус во настапите, сето тоа заокружено со избор на женскиот ол-стар тим на крајот на сезоната.

3.Шампионите во различно расположение

Машкиот и женскиот македонски шампион, изминатава седмица беа актуелни на европска сцена. Еурофарм Пелистер во групната фаза во Лигата на шампионите, ЖРК Ѓорче Петров во второто коло од Европскиот куп. Различно ниво, но и дијаметрално различно расположение кај едниот и кај другиот шампион.

Пелистерци немоќно и во грч одиграа и на гости кај супериорниот тим на Алборг и го запишаа вториот убедлив пораз што е реално според односот на силите, но за навивачите секогаш разочарувачки. Чекајќи го дуелот со Кил во Битола, на битолскиот тим, добро му дојдоа двете домашни суперлигашки победи.

„Лавиците“ од Ѓорче Петров и сезонава пријавија настап во третото по ранг европско натпреварување и стартуваа супериорно со +21 во првиот дуел со црногорскиот претставник Тиват што им носи мирен реванш и речиси обезбеден пласман во следната рунда од ова натпреварување. Комбинирано со двоцифрената победа против ЖРК Пелистер во првото коло од домашната лига на ѓорчепетровки им носи апсолутно успешен старт во новата сезона.

Во меѓувреме стартуваа и прволигашите, во првото коло без објавени пропозиции. Малку хаосно и невообичаено, претпоставувам, поради модификациите за догодина. Што пак и не е оправдување.