Групата Б во Мец ќе одреди четири осминафиналисти на Светскиот шампионат во Франција. Покрај Шпанија која има малку повисок квалитет, останатите четири репрезентации меѓу кои е Македонија, Словенија, Исланд и Тунис се селекции кои се со приближно еднаков квалитет и нивната меѓусебна пресметка ќе одлучува за распоредот од второто до петотто место, односно која репрезентација нема да обезбеди пласман во следната, осминафинална фаза. Ангола на ова првенство ќе собира искуство, и ќе ја чека шансата за својата прва победа.
1. Шпанија
Селекција која е најголем фаворит за освојување на групата Б. Селекторот Рибера, малку е неодреден. Дали има подмладување или не. На ова првенство доаѓа со искусни ракометари, меѓутоа и многу млади ракометари затоа со интерес ќе го пратам изгледот на шпанската репрезентација и нивната игра на овој мундијал. Го имаат најдобриот напаѓач Агинагалде кој заедно со спрегата од тројца бекови претставува опасност за секоја одбрана. Тука е и искусниот Канелјас. Тие ќе имаат две измени од напад во одбрана и тука Македонија ќе треба да ја бара својата шанса. Многу ќе зависи и од формата на Душебаев во одбрана, можеби ќе треба да се напаѓа преку него во нападот… Не би ги вклучил меѓу фаворитите за освојување на Светското првенство, но секако дека се први фаворити за освојување на нашата група.
Клучни играчи се голманот Перес Де Варгас, Жоан Канелјас и Хулен Агинагалде. Голманите секогаш се клучен дел од формата на една репрезентација затоа многу работи ќе зависат од Перес Де Варгас. Исто така искусниот Жоан Канелјас ќе биде еден од клучните ракометари на овој турнир, како и најдобриот напаѓач пивотменот Хулен Агинагалде.
2. Словенија
Словенија е уште една од редот репрезентации кои конкурираат за втората позиција, заедно со Македонија, Исланд и Тунис. Можеби ќе имаа мала предност во однос на дуелот со Македонија бидејќи нивниот селекторот најубаво ги познава нашите ракометари, што е голем плус. Бидејќи кога ги познаваш ракометарите полесно можеш да поставиш одбрана. Сепак она што е позитивно кај Македонија е што веројатно ќе ја менуваат одбраната на овој дуел. Тие сигурно ќе бидат ослабени на овој турнир, бидејќи знаеме што значат Бомбач, Зорман и Шкоф за словенечкиот тим. Но имаат добри бекови одличен кружен напаѓач, така што претставува „скоцкана“ репрезентација која не треба да биде баук за нас. Една од репрезентациите против кои можеме да се надигруваме, меѓутоа најмногу ќе зависи од одбраната која ќе ја играме.
Од Зарабец ќе тргнува сè во репрезентацијата на Словенија и доколку го спречиме него завршивме голема работа. Доколку одиграме една длабока 5-1 одбрана, го неутрализираме централниот бек и спречиме брзи продори можеме да се надеваме на позитивен резултат.
3. Македонија
Зборувавме за подмладување, но не знам колку можеме тоа така да го наречеме бидејќи Кузмановски нема да настапи на овој шампионат, а Нелоски е повреден и не знам колку ќе може да придонесе. За мене најголема непознаница е голманската позиција. Несфатливо е да донесеш дебитанти со над 30 години во А селекција, а да ги имаш слободни Ангелов и Никола Митрески. Многу е битно искуството на голманите на еден ваков турнир и голем ризик е овој потег, затоа навивам да бидам демантиран, односно голманите да бидат најдобриот дел од нашата игра. Зборувам за голманите бидејќи во нападот стандардно ги имаме Манасков, Талески, Миркуловски, Лазаров и Георгиевски, а во напад одбрана ќе се менуваат Лазаров и Велко Маркоски. Меѓутоа ако ја промениме зоната во одбрана на 3-2-1 тогаш можеме многу, бидејќи ние Македонците и како нација и по физикус можеме одлично да се снајдеме во таква одбрана.
4. Исланд
Исланд ни е добро познат противник. Тие започнаа со подмладување на ова Светско првенство, требаше да бидат предводени од одличниот Арон Палмарсон и тоа сигурно е голем недостаток. Исланд иако е мала земја секогаш имала квалитет. Дел од поранешните репрезентативци заминаа во пензија, а дел сами откажаа пред овој мундијал, но Исланд е репрезентација со голема традиција, имаат челичната волја и предводени од Сигурднсон секогаш по освојување на топката стартуваат со брз контра-напад без разлика на противникот. Можеби нема да атакуваат на врвот, но убеден сум дека ќе направат некакво изненадување на овој турнир. Сè зависи од Македонија на овој дуел, како ќе отвориме и како ќе играме во одбраната.
5. Тунис
Тунис е ракометна земја и редовен учесник на Светските првенства. Тие имаат слични физички предиспозиции како Ангола, но за разлика од нив тие се технички подобро подготвени и тука е клучната работа. Се надевам дека Македонија ќе освои бодови против нив, но нема да биде воопшто лесно бидејќи играат брз ракомет и имаат голема ракометна традиција. Во одбраната знаат да одиграат длабока формација каде се ќе одлучува играта „еден на еден“. Тунис игра агресивно, Жалуз е нивниот најзначаен играч, нема да биде лесно да се освојат бодови на овој дуел. Многу е битна играта без топката и промената на одбранбената зона во македонската селекција која треба да даде резултат. По квалитет е тука некаде со Македонија, но со добра игра мислам дека Македонија може да дојде до нови бодови, иако ќе биде многу тешко.
6. Ангола
За разлика од женскиот ракомет, машката селекција на Ангола нема позначајна улога во светскиот ракомет. Иако немаат подеднаков квалитет како останатите репрезентации во групата Б, сигурно ќе бидат незгоден противник. Тоа значи дека не треба да се потценат. Кога зборуваме за Ангола имаме малку информации, тие малку заостануваат по квалитет од другите репрезентации, но сигурно не се на мундијалот случајно. Македонија сигурно дека ќе ја гледа шансата против нив.
Стефче Стефановски