16 исклучувања и црвен картон во Штип – Шехтанска и Мемов се погрижија за триумф на Куманово!

Ракометарките на Куманово им се вратија на победите по поразот од шампионот и славеа на гости кај Астибо со 38-27.

Во борбен натпревар на кој беа доделени дури 16 исклучувања на двете страни, како и еден црвен картон (поради трето исклучување за Наталија Манева од Астибо), Куманово уште по првиот дел ја најави победата.

Иако гостинките без тренерот Славиша Димитријески, успеаја да го надиграат домаќинот, кој и покрај негативата, во вториот дел се бореше до крај и успеа да ја намали разликата до конечните минус 11.

Предводнички на Куманово беа Ангела Шехтанска и Мила Мемов, со по осум погодоци, додека кај Астибо стандардно најдобри беа Марија Анчева и Елена Вучевска со по седум гола.

На табелата, Куманово останува на четвртата позиција со седум бода, додека Астибо е последен без бодови. Во следното коло штипјанки го пречекуваат Металург Автокоманда, додека Куманово ќе игра на гости кај Вардар.