14 исклучувања и два црвени картони во Штип – Текстилец со пресврт славеше против Бисинов

Во натпревар со многу неизвесност и пресврти, екипата на Текстилец пред својата публика славеше победа над дебитантот во прволигашката конкуренција Бисинов, со два гола разлика 29:27.

На овој натпревар судиската двојка Ѓорѓи Василевски и Александар Вукашиновски покажа 14 исклучувања и два црвени картони. Гостите од Велес во финишот од натпреварот кога се кршеше резултатот останаа без Александар Славков и Милан Пранговски, кои поради три исклучувања заработија црвен картон и мораа да се преселат на трибините.

Ракометарите на Бисинов до средината на првото полувреме одржуваа предност, но не поголема од еден гол разлика и по нерешените 8:8, домаќините се одлепија на 11:8, воспоставија свое темпо и речиси до финишот од првиот дел беа во предност. Бисинов најчесто преку Иванов се обидуваше да се врати во игра, ја зацврсти одбраната и возврати со иста мера.

Иако Текстилец водеше со 12:10, гостите во последните минути од првото полувреме направија комплетен пресврт, постигнаа четири гола во низа и на пауза заминаа со плус два гола разлика, 14:12. Сепак, овие два гола предност не беа никаква гаранција за победа, бидејќи последниот дел од вторите 30 минути мина во голема неизвесност, па така само нијанси одлучуваа кој ќе ја добие денешната битка.

Велешани во најголемиот дел од второто полувреме беа подобри на теренот и во последниот дел целосно паднаа физички и психички и му дозволија на домаќинот да се врати во игра и да ги освои планираните бодови. Бисинов имаше предност од 25:21 во последниот период, а домаќините со расположениот Петров направија одлична серија од 7:0 и дојдоа до водство од 27:25.

Во овој период црвен картон заработија Славков и Пранговски, па така проблемите во гостинскиот состав дополнително се зголемија. При водство на Текстилец од 28:26, Бисинов во последните секунди намали на 28:27 и немаше време ниту за пресврт, ниту за нерешено, бидејќи Димчевски со својот шести гол ги постави конечните 29:27.

Најефикасен во победничката екипа беше Васе Петров со десет погодоци, додека втор стрелец беше Иван Димчевски, кој имаше шест реализации. Во поразениот табор стандардно ефикасен беше Мартин Иванов со осум погодоци.