Џабе 13 гола на Тасески, Металург РА се враќа со триумф од кај Јехона

Ракометарите на Металург РА се вратија како победници од гостувањето кај екипата на Јехона, која ја совладаа со резултат 28:36. Ова беше натпревар од третото коло на плејоф-фазата во Првата лига, а тимот од Автокоманда ја забележа првата победа.

Во првото полувреме се водеше голема и израмнета борба. Почетокот му припадна на домаќинот, но средината и крајот на Металург РА, кој по првите 30 минути создаде предност од два гола, 10:12.

Рамноправно се играше и во првите десетина минути од продолжението, се до резултат 15:15, а потоа гостите заиграа многу поангажирано и тоа брзо даде резултат. Тие веднаш направија разлика, која до крајот на средбата и не ја испуштија.

Најдобар стрелец кај победникот беше Фидановски кој постигна 11 гола, додека кај Јехона се истакна Тасески со 13 погодоци.