„Ќе има нови играчи во Еурофарм Пелистер – приоритет е квалитетот, а не квантитетот“

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер означи старт на подготовките за новата сезона, во која влегува и со нов спортски директор.

Битолската легенда Бранко Ангеловски ја презема функцијата од Димитар Митревски, и вели дека шампионот е во потрага по засилувања, но вели дека нема да се брза бидејќи приоритет е квалитетот.

„Чест, задоволство и огромна одговорност е да се биде дел од овој познат македонски бренд. Се соочуваме со историски момент за Еурофарм Пелистер. За првпат играме во овој формат во Лигата на шампионите, која е квалитетен како никогаш досега. Сигурно дека во тимот ќе дојдат уште неколку засилувања. Не сакаме да брзаме, бидејќи приоритет ни е квалитетот, а не квантитетот. Не сакаме да дојдеме во ситуација во која ќе имаме повеќе бројност отколку квалитет, затоа што во овој тим има вистински шампиони, кои веќе го покажаа тоа неколку пати, и никако не сакаме да го успориме нивниот развој“, изјави Ангеловски.

Битолчани досега ги донесоа Урош Борзаш, Нејц Цехте, Андреас Нилсен, а од вториот тим дојдоа Павле Петровиќ и Емилијан Ѓорговски. Шампионот ќе игра на турнирите во Добој и Охрид како загревање за официјалните средби во новата сезона.