Ќе има ли ракомет во Токио, ќе има ли Олимписки игри?

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах не е голем оптимист околу одржувањето на Олимписките игри во Токио и веќе почна со најави дека можно е и следното лето да нема натпревари.

Поради коронавирусот и неможноста да се гарантира безбедноста на спортистите игрите од ова лето беа презакажани за летото во 2021 година, а останува да се види дали и тогаш ќе постои можност истите да се одржат.

„Разбирам дека е невозможно натпреварите постојано да се одлагаат и да се префрлаат за нов датум. Тешко е и за организаторот да ангажира неколку илјади луѓе во организацискиот комитет. Исто така невозможно е да се менува и распоредот на меѓународните федерации секога година бидејќи спортистите мора да имаат сигурност“, вели Бах.

Засега игрите не се во опасност за летото во 2021 година, но останува прашање што ќе се случува. Секако ова се однесува и за ракометот каде што квалификациите исто така беа префрлени за 2021 година и допрва ќе се одлучува кои се шестте селекции кои преку квлификации ќе обезбедат учество на Олимпијадата.