Ќе грми во салата во Битола: И Комити и Чкембари ќе навиваат на трибините

Вечното дерби во македонскиот ракомет меѓу екипите на Вардар и Пелистер утре ќе го добие новото издание за оваа сезона, а ќе биде второ во рамки на првенството. За Вардар и Еурофарм Пелистер ова ќе биде четврти дуел од летото досега бидејќи играа и во Супер купот и во финалето на турнирот во Струга.

Она што ќе го издвои овој дуел во однос на претходните е дека ќе има можност да се игра со поддршка од фановите. Капацитетот може да се исполни 50 проценти, а најавено е присуство и на гостински навивачи.

Комитите објавија дека се собираат утре и патуваат на важното дерби во Битола, а сигурно е дека и Чкембари ќе бидат во голем број на трибините во салата „Боро Чурлевски“ утре од 18 часот.

Ова дефинитивно ќе биде дерби кое ќе потсети на времињата некогаш така што ќе има што да се види и на теренот и на трибините и сигурно овој дуел ќе заличи на оние што ги играа некогаш овие два тима кога редовно беа во трка за титулата и решаваа нијанси.