Јуниор КВ со победа се врати во елитата

Ракометарите на Јуниор КВ во последното (10) коло од плеј-оф фазата во Првата лига остварија убедлива победа против екипата на Работнички, со резултат 41:32.

Со освоената победа, Јуниор КВ го завери третото место во прволигашкиот плеј-оф и по пауза од една година, екипата повторно се враќа во елитата, додека Работнички и во следната сезона ќе биде дел од прволигашкото друштво.

Домаќините речиси во најголемиот дел од натпреварот беа во предност, а гостите парираа само во воведниот дел кога имаа одличен старт и водство од три гола разлика, 0:3. Јуниор КВ со серија од 4:0 поведе со 4:3 и до самиот крај на натпреварот ја диктираше играта на терен.

Домашниот состав во неколку наврати имаше предност од пет или шест гола разлика, но Работнички, кој на овој натпревар беше предводен од Димевски и Дука, успеа да намали дел од резултатската негатива и на полувреме да замине со минус четири, 19:15.

Во второто полувреме немаше резултатска неизвесност бидејќи домаќините не дозволија многу простор за изненадување. Работнички влезе во поголема криза и дозволи Јуниор КВ да се одлепи на највисоки десет гола разлика, 26:16. Во последниот дел од натпревар, кој беше само формалност, Јуниор КВ рутински ја заврши задачата и со победа го прослави камбекот во Суперлигата.

Најефикасен во победничкиот табор беше Филип Димевски со девет погодоци. Листата на стрелци кај Работнички беше предводена од Ѓорѓи Дука со 12 и Мартин Димевски со 10 погодоци.