Јужна Кореја е нов светски првак, се радува на злато во Македонија

Репрезентацијата на Јужна Кореја го освои Светското кадетско првенство, на кое нашата држава беше домаќин, откако во финалето ја совлада Данска, со резултат 31:27 (15:15). Натпреварот беше проследен со многу пресврти, посебно во првите 30 минути кога двете репрезентации имаа свои моменти. Сепак, Јужна Кореја беше повеќе сконцентрирана во последниот период од натпреварот и заслужено го освои првиот златен медал во ова натпреварување.

Воведниот дел од натпреварот започна со голема борба на двете страни. Данска во желбата да стигне до поголема разлика од еден гол, сѐ повеќе грешеше во нападите, па така ракометарките на Јужна Кореја секоја грешка на скандинавската селекција ја казнуваа со погодок. По водството на Данска од 2:1, следуваше серија од 3:0 на Јужна Кореја за водство од 4:2. Тука веќе репрезентацијата на Данска влезе под психолошки притисок за камбек во натпреварот, но брзите Корејки лесно стигнуваа до погодоци.

Репрезентацијата на Јужна Кореја со одличната одбрана и реализација во неколку наврати имаше плус три гола разлика, водеше со 6:3 и 8:5, но победата не беше загарантирана бидејќи Данска успеа да се врати во игра. Селекцијата од Азија брзо се опушти, направи неколку грешки и дозволи Данска да го израмни резултатот на 9:9, откако претходно беше 9:7 за Јужна Кореја.

Данска го сврте резултат во своја корист и со серија од 4:0 се одлепи на плус три, 14:11. Носителки на пресвртот беа расположените Вестергард и Матиесен, кои беа незадржливи на теренот. Јужна Кореја не се предаваше, ја подобри играта и возврати со иста мера, постигна три погодоци во низа за 14:14, а по 30 минути игра резултатот беше нерешен, 15:15.

Во второто полувреме продолжи играта гол за гол. Ниту една од двете репрезентации не успеа да се одлепи на поголема разлика од еден гол во првите десет минути од вториот дел. Данска во 40 минута конечно дојде до плус два гола разлика, 20:18, но не успеа да изгради поголема предност, бидејќи Јужна Кореја заигра поангажирано и повторно дојде до пресврт.

По водството на Данска од 22:20, Јужна Кореја направи целосен пресврт, со серија од 4:0 зголеми на 24:22 во 45 минута, а две минути подоцна имаше и три гола разлика, 26:23. Ракометарките на Данска се обидуваа да фатат приклучок и да се доближат резултатски, сепак немаа решение за брзата игра на Јужна Кореја, која на десет минути пред крајот влезе со предност од 27:24 и до последната секунда успеа да ја сочува предноста и да се израдува на златото.

Во борба за бронзениот медал, односно за третото место на кадетскиот Мундијал, Унгарија ја совлада Холандија, со резултат 27:26 (12:16). Голот на унгарската репрезентација за бронзен медал беше постигнат од пенал во последната секунда. Селекцијата на Франција ја освои 5. позиција, откако славеше над Шведска со убедлива победа од плус девет гола разлика, 31:22 (15:9). Египет триумфираше против Исланд со 35:33 (12:16) и заврши на седмата позиција на СП во Македонија.