Јотиќ: Уште сега имам желба еден ден да се вратам во Вардар

Хратскиот интернационалец Ловро Јотиќ после само една година заминува од Вардар, каде што пристигна од големиот конкурент Еурофарм Пелистер.

И тој жали што си оди, со надеж дека еден ден повторно ќе се врати.

„Морам да напоменам дека сум навистина тажен и несреќен што заминувам, ваква емоција, нештата кои ги доживеав тука никаде на друго место каде што сум играл не сум доживеал. Немаше ниту публика и воопшто навивачи, но целата оваа приказна и после сè што слушнав од постарите играчи навистина ми е жал што заминувам. Понекогаш животниот пат не носи некаде на друго место, но се надевам дека еден ден ќе се вратам во Вардар, тоа навистина ми е желба. Сезоната можеше да биде многу подобра особено во Лигата на шампионите, можевме да извлечеме уште бодови но ни фалеше малку среќа. Не сакам да се правдам со короната, но за некои натпревари навистина ми е жал како првата против Мешков Брест каде што го контролиравме мечот а не освоивме ниту еден бод. Исто така и против Порто можевме да освоиме бодови и се да биде поразлично. Вкупно сезонава ја гледаме како успешна, го освоивме првенството и купот, еве и со СЕХА завршивме успешно, останува жал за Лигата на шампиони но севкупно можеме да бидеме задоволни“, рече Јотиќ.

Од следната сезона Јовиќ ќе има нов предизвик и се сели во Бундес лигата каде што ќе настапува за екипата на Лајпциг.

„Одам во Бундес лигата, во Лајпциг ми беше желба да видам како е таму, секако дека сум среќен тоа не е прашање воопшто. Тоа е еден друг ракомет, малку понапорен, ќе видиме како ќе биде и подоцна да зборуваме. Низ сите приказни што ги кажуваа старите играчи кои поминале во Вардар, тоа е просто да се наежи човек. И уште сега изразувам желба дека би сакал еден ден да се вратам во Вардар, ова не сум го доживеал до сега, а со оглед на тоа што немаше публика се е јасно“, заврши Јотиќ.