Јовановски: Хемијата во тимот – клуч за добрите резултати на Струга

Во онлајн гласањето спроведено од страна на читателите на 24Ракомет од 13 јануари до 31 јануари учествуваа на 32.000 лица кои гласаа за својот избор. Покрај најдобрите 7 играчи беа избрани и најдобар дефанзивец, најдобар млад играч и најдобар тренер во регуларниот дел од сезоната. Ви ги претставуваме победниците во секоја категорија. Голманот на Струга, Мартин Јовановски беше избран за најдобар голман во регуларниот дел од Суперлигата.

Голманот на Струга, Мартин Јовановски, беше еден од најзаслужните во тимот за пласманот во плеј-офот. Битолчанецот по една сезона во странство се врати во суперлигашкото друштво во Македонија и брани во одлична форма.

По завршувањето на есенската полусезона, односно регуларниот дел од Суперлигата, читателите на 24Ракомет го избраа идеалниот тим на полусезоната. 24Ракомет, единствениот специјализиран спортски портал посветен на ракометот во соработка со нашите пријатели од „ИЗВОРСКА“ ви овозможи да гласате за најдобрите ракометари во првиот дел од сезоната.

Јовановски имаше силна конкуренција во изборот за најдобар голман, а доби најмногу гласови од над 32.000 колку што имаше во анкетата во која учествуваа читателите на 24Ракомет.

„Им благодарам на сите читатели на 24Ракомет што гласаа за мене. Секако дека ми значи ова, затоа што тоа е едно признание за одработеното и ми дава мотивација за понатаму да бидам уште подобар“, вели Јовановски.

Струга играше одлично во првиот дел од сезоната и успеа да обезбеди место во разигрувањето за титулата.

„Корона ситуацијата многу не изремети, тоа е дефинитивно. Сепак не држеше сплотени хемијата во екипата, поради тоа ги направивме и добрите резултати. Не сме лоша екипа, плус владее добра хемија во екипата. Се надевам дека во следниот период ќе продолжиме со истата атмосфера. Ќе одиме дефинитивно на победа на секој натпревар, но да бидеме реални, против екипата на Вардар и првиот тим на Пелистер е сосема апсурдно да мислиме дека ќе ги победиме. Засилувањата во клубот се млади ракометари од Струга кои брзо се афирмираа во екипата и добро се вклопија, ќе ни бидат од голема помош. Се надевам на позитивни резултати во пролетниот дел“, продолжи Јовановски.

По настапите за Пелистер, Еурофарм Работник и Охрид, Јовановски се пресели во шампионот на Алжир, ГС Петролиер.

„Бев одлично прифатен во екипата како странец од сите домашни ракометари. Мислам дека не е тешко да се успее како странец во екипа со многу домашни ракометари во странство. Да бидеме реални, мислам дека во Македонија е многу потешко бидејќи има многу сопки и има влијание од многу страни. Мислам дека надвор е полесно да се изградиш како играч“, вели Јовановски.

Чуварот на мрежата потекнува од Битола, но никогаш не ја доби вистинската шанса за промоција таму.

„Јас поттекнувам од Пелистер. За шанса на битолчани во ракометните клубови говори фактот дека во Еурофарм Пелистер во прва екипа мислам дека нема ниту еден играч од Битола, тоа говори колку им се дава шанса на битолчани. Новост е втората екипа на Пелистер, сепак не е таа вистинска шанса што треба да му се даде на битолските надежи, тоа го осетив јас на моја кожа“, вели Јовановски.

Тој открива детал од почетокот на професионалната кариера што го натерал да размисли дали ќе игра ракомет.

„Во 2014 година кога имав 19 години и Пелистер беше во тешка криза и слаба финансиска состојба, добивам шанса да бидам прв голман и ја бранам цела сезона на ниво. Следната година клубот финансиски се стабилизира и на чело како координатор доаѓа една легенда на битолскиот и македонскиот ракомет, и јас како нова битолска надеж добив договор во вредност од 100 евра, четиригодишен договор. Мислам тоа е еден поразителен момент за млад ракометар, и за било кого, не само за ракометар. Тука за мене мислев дека е крајот. Како спасители тогаш беа Еурофарм Работник. Се натпреваруваше клубот во Првата лига, тренери беа Иван Марковски и Александар Зарков, ме прифатија одлично и ми дадоа нормални услови. Доколку не беше Еурофарм Работник тоа за мене ќе беше крај во ракометот“, заврши Јовановски.