Јовановски: Коцките полека се склопуваат, Струга нема да биде лесен плен за ниеден тим

Екипата на Струга дојде до победа од 28:23 на гостувањето во Скопје против КЛ7 и на тој начин се избори за три бода кои веројатно ќе значат и плеј-оф.

Ова беше клучен натпревар за третата позиција во групата, а Струга го реши овој дуел со контрола од првата до последната минута, па на крајот бодовите одат за гостинскиот состав.

Голманот на стружани, Мартин Јовановски игра во одлична форма од стартот на оваа сезона. На натпреварот со КЛ7 битолчанецот забележа 15 интервенции и беше меѓу најзаслужните за можеби клучната победа.

„Влеговме опуштено во мечот. Поискусни сме сепак од КЛ7 и сосема заслужено го добивме натпреварот. Одигравме одлично и во одбрана и во нападот. Реализиравме се што ни се пружи. На првиот меч во Струга не одиграме како што треба, таа заврши нерешено бидејќи направивме многу технички грешки, но сега коцките се редат и полека се склопува екипата“, вели Јовановски за 24Ракомет.

Стружани имаат за играње уште четири меча од регуларниот дел против Радовиш, Охрид, Пролет и Јуниор КВ.

„Сега со фокусираме на следните натпревари што не очекуваат против Радовиш, Охрид и Пролет. Мораме да победиме на некој од тие мечеви за да бидеме сигурни во плеј-офот. За таму не мислиме уште отсега, како што велат – за тоа, по тоа. Дојде едно засилување, веројатно ќе имаме уште едно, но тоа ќе биде на пролет. Сигурен сум дека нема да бидеме лесен плен за ниедна екипа“, вели Јовановски.

Голманот лани го имаше првото интернационално искуство во Алжир и настапуваше во шампионот ГС Петролиер.

„Играв во алжирскиот првак и бев единствен странец. Таму играт 12 репрезентативци на таа земја. Многу е различен ракометот што се игра таму, тоа е типичен африкански, груб со остри стартови. Но вложуваат многу и носат француски тренери за да бидат подобри“, продолжува Јовановски.

На крајот од оваа сезона шест екипи треба да испаднат од суперлигашката конкуренција и следната сезона да има десет екипи.

„Јас сум повеќе за лига со десет екипи. Оваа година е добро што ќе се искристализира квалитетот и ќе испаднат оние што не припаѓаат на елитата или што немаат доволно финансии за Суперлига. Следната година кога ќе се скрати лигата, ќе биде многу поквалитетна“, заврши Јовановски.

Струга до крајот на регуларниот дел треба да игра дома со Охрид и Пролет, како и на гости кај Јуниор КВ и Радовиш.

Дербито во Скопје за Струга, плеј-офот веќе на дланка

Суперлигашкиот плеј-оф стана реалност за стружани (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Танески: Пред стартот на сезоната немавме ни буџет, ни амбиции за плеј-оф, ама сега….