Ја прекинува пензијата и се враќа во силна екипа (ФОТО)

Романската екипа Рапид Букурешт за новата сезона планира тим кој ќе биде конкурентен за првите три позиции на табелата во романскиот шампионат. Раководството на клубот пред завршувањето на изминатата сезона објави некои квалитетни засилувања, дел од нив се репрезентативки на Романија.

Денес, клубот го објави и најновото засилување за престојната сезона. Нова ракометарка во редовите на Рапид Букурешт ќе биде екс репрезентативката на Романија, Оана Манеа.

Искусната 36-годишна ракометарка се пензионираше во 2019 година во дресот на ЧСМ Букурешт, но добрата понуда од Рапид Букурешт беше причина за нејзин камбек на ракометните терени.

Манеа ја освои Лигата на шампионите во сезона 2015/2016 со екипата на ЧСМ Букурешт. Во својата кариера настапуваше и за Валчеа и Крим Меркатор.

Во претходниот период, Рапид Букурешт ги ангажираше репрезентативките на Романија, Дениса Деду и Габриела Пириану, како и двете репрезентативки на Шпанија, Марта Лопез и Алисија Фернандез.