Ја заврши ракометната кариера, па стана менаџер на ватерполо клуб

Еден од поискусните ракометари на Хамбург, ветеранот, Мануел Шпат, реши на 36 години да ја заврши професионалната кариера.

Поранешниот репрезентативец на Германија, кој играше и за екипите на Порто, Штутгарт и Гепинген, на професионално ниво ќе биде вклучен во сосема друг спорт.

Иако, на аматерски план сѐ уште ќе игра ракомет, но во понизок ранг на натпреварување, Шпат официјално стана менаџер на ватерполо клубот „Еслинген“.

„Навистина се радувам на новата улога! Возбудливите задачи поврзани со моето искуство од професионалниот спорт ми звучат како голем предизвик. Со нетрпение очекувам да работам со Хајко Носек, кого го познавам долго време и го сметам за врвен спортист. Заедно со него би сакал да ги развијам тимовите од Бундеслигата во насока на места за медали со фокус на меѓународното ватерполо, а од друга страна да ги промовирам младите спортисти“, изјави Шпат за официјалната страна на Еслинген.

Шпат менаџерската функција во ватерполо клубот од Еслинген ќе ја извршува од септември, 2022 година.