Јанчев: Се надевам со моето искуство ќе му помогнам на Тиквеш да избори опстанок

Во онлајн гласањето спроведено од страна на читателите на 24Ракомет од 13 јануари до 31 јануари учествуваа на 32.000 лица кои гласаа за својот избор. Покрај најдобрите 7 играчи беа избрани и најдобар дефанзивец, најдобар млад играч и најдобар тренер во регуларниот дел од сезоната.  Ви ги претставуваме победниците во секоја категорија. Јане Јанчев, членот на Тиквеш беше избран за најдобар лев бек во силна конкуренција.

По завршувањето на есенската полусезона, односно регуларниот дел од Суперлигата, читателите на 24Ракомет го избраа идеалниот тим на полусезоната. 24Ракомет, единствениот специјализиран спортски портал посветен на ракометот во соработка со нашите пријатели од „ИЗВОРСКА“ ви овозможи да гласате за најдобрите ракометари во првиот дел од сезоната.

Јане Јанчев е избран за најдобар лев бек во регуларниот дел од Суперлигата во конкуренција на Јован Талевски од Еурофарм Пелистер 2, Митко Стоилов од Младост, Мите Караиванов од Астраион (Младост Богданци) и Тоше Ончев од Работнички.

„Сакам да се заблагодарам на сите што гласале, без разлика дали гласале за мене или за некој друг. Мило ми е што во нашата земја ракометот од година во година е на повисоко ниво, се појавуваат повеќе нови клубови и се проширува лигата. Ова награда баш ми е мила и драга, за дополнителна мотивација. За жал, не се пласиравме во плеј-оф, играме сега во плеј-аут. Наградата е за мотивација, се надеваме дека ќе опстанеме за наредната година и со шанси дека ќе направиме подобар тим, а со тоа и пласман во плеј-оф и излез на европска сцена“, вели Јанчев

Јанчев уште како млад играч замина во странство и македонската јавност не знае многу информации за него.

„На мои девет години започнав да тренирам ракомет кај професорот, Блаже Велков, во тогашниот ракометен клуб Тиквеш. После неколку години поминати во Тиквеш направив трансфер во Винарска Визба Тиквеш. Кариерата во Македонија траеше до мојата 21 година кога клубот поради финансиска состојба згасна. После започна мојата интернационална авантура. Прва дестинација ми беше Турција каде останав една полусезона во Чанкаја и потоа играв во Тунис. Иако договорот со клубот од Тунис беше на две години со можност за продолжување на истиот, сепак од Тунис заминав во Мароко после една добро одиграна сезона. Таму играв четири години и стекнав добро искуство“, продолжува Јанчев.

Тој во најголем дел од кариерата играше на африканскиот континент, каде сепак се ига поинаков ракомет.

„Моето искуство во Тунис беше многу добро и играчите таму го сакаат ракометот, тие се физички спремни и играат добар и брз ракомет, има голем број на ракометари кои заминуваат во Франција. За разлика од Тунис, во Мароко има послаб ракомет, но сепак и тие се во подем. Се вложува во тој африкански регион, со цел подобри резултати во ракометот“, вели Јанчев.

Јанчев се врати во Македонија пред три години и настапуваше за Охрид и Прилеп, пред да заигра и во Финска една сезона. Потоа следува и камбек во матичниот клуб

„По враќањето од Финска сум во Кавадарци. Една сезона играв во Првата лига и му помогнав на тимот да се врати таму каде што е местото – во Суперлигата. Иако имавме шанси и за пласман во плеј-офот, сепак тоа не се случи. Сега не чекаат тешки натпревари и голема борба во плеј-аутот. Сите екипи се засилуваат и очекуваат да изборат опстанок, а тоа значи дека ќе гледаме многу интересни натпревари. Се надевам дека можам да му помогнам на мојот тим, со моето искуство, со тимска работа и со добра атмосфера да избориме опстанок во лигата“, заврши Јанчев.