Јанеска и Гакидова со Коњалти продолжуваат во победнички ритам

Двете интернационалки од Македонија, Моника Јанеска и Ивана Гакидова продолжуваат со одличните партии во дресот на Коњалти.

Откако со клубот од Турција минатиот викенд обезбедија пласман во четвртфиналето во Европскиот Куп, се вратија на домашните обврски и се израдуваа на нова победа во турскиот шампионат.

Екипата на Коњалти во натпревар од 11. коло од домашното првенство славеше убедлива победа против Јаликавак, со десет гола разлика, 36:26.

Победникот беше решен уште по првото полувреме, кое што заврши со предност од 16:10 за Коњалти, додека вторите 30 минути беа само формалност.

Јанеска и Гакидова на овој натпревар беа меѓу главните стрелци, постигнаа по четири гола во мрежата на гостинот и одиграа на висина на задачата и во одбраната.

Тимот на Коњалти моментално се наоѓа на 3. позиција на табелата со 18 бода, ист број на бодови има и второпласираниот Измир, додека актуелниот лидер и учесник во Лигата на шампионите, Кастамону на свое конто има 21 бод.