Јанеска го водеше Коњалти до нова победа

Репрезентативката на Македонија, Моника Јанеска продолжува со одличните настапи во шампионатот на Турција и заедно со екипата на Коњалти се радуваа на нова победа.

Коњалти во натпревар од 6. коло од тамошниот шампионат славеше убедливо против ,,фенерџијата” Анадолу Универзитет, со резултат 41:20 (21:10) и со новите освоени бодови им се доближи на Измир и Кастамону, кои се наоѓаат на второ, односно прво место на табелата.

Предводник во победничката екипа беше токму Моника Јанеска со пет реализации во противничката мрежа, а покрај одличната игра во нападот одигра на висина на задачата и во одбраната.

Ивана Гакидова, која исто така настапува во дресот на Коњалти не успеа да се запише во листата на стрелци, додека три погодоци имаше екс ракометарката на Вардар, Алена Ихнева.

Коњалти во следното 7. коло ќе гостува кај незгодниот состав на Гореле.