Јагањац: Вардарци имаат победнички менталитет, неслучајно се дел од светската елита!

Името на Халил Јагањац се споменуваше меѓу потенцијалните засилувања за Вардар, но хрватскиот ракометар остана во Нексе Нашице, каде што дојде од Металург.

Бекот смета дека најважно во Скопје ќе биде да ја наметнат нивната игра и да го диктираат темпото.

„Вардар се уште е првак на Европа и мое мислење е дека во светот на ракометот нема многу поквалитетни тимови од скопскиот клуб. Неслучајно е дел од ракометната елита со години наназад, самите ракометари поседуваат победнички менталитет, што ги прави опасен ривал за секоја екипа. Наше е да бидеме одлучни, да дадеме се од себе и да се обидеме да стигнеме до победа што толку многу ја посакуваме. Најважно ќе биде да ја наметнеме нашата игра, да го диктираме темпото, а не да влеземе во ритамот на противникот. Во наша корист е фактот што  мечот ќе се игра без присуство на навивачи“, изјави Јагањац.

Натпреварот меѓу Вардар и Нексе се игра утре во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20:15 часот.