ЈАВИ СЕ ЈУЖНА: Непристоен предлог од 2000 евра

Тие се познато семејство, новинарско, музичко и секако спортско. Ракометот им е во срцето, и ретко пропуштаат важни натпревари. Од ЕП 2012, СП 2015, ЕП 2020.... Огнен е познат текстописец, Соња е позната македонска новинарка, а нивниот син Филип тргнува по стапките на татко му. Тие лани ја напишаа и навивачката химна пред заминувањето на ЕП 2022. Но, кога тие гледаат ракомет тогаш секој има свој коментар, секој го доживува натпреварот со посебна емоција... Овојпат нема да бидат во Краков, но од Скопје силно ќе навиваат за нашите ракометари.. А како тие ги следат натпреварите и што коментираат ќе читате низ нивната рубрика што ќе се објавува на 24Ракомет...

Недела. Најнеомилен ден во младоста. Освен, во зима кога го користев за скијање, или во лето за пливање. Како што се редеа годините, така почна да ми станува омилен ден од неделата. Ми одговара, мир, спокој, кога градот речиси е празен.

Утрото го почнуваме со кафе. Огнен е молчелив. Гледа во телефонот, па пишува нешто на листот хартија пред него. Си реков во себе: „Ако смета нешто, сигурно ќе молчи со часови.“ Математиката му е најслаба карика во поврзувањето на мозочните клетки. Со знаењето стигнал до равенка со една непозната. Но, во текот на школувањето се снашол на уметнички начин. Пишувал стихотворби за повеќе ученици, кои биле наградувани на конкурси. Како благодарност што го промовира училиштето, му гледале низ прсти и добивал висока оценка по математика. УМЕТНИК!

Одеднаш го прекинува молкот со непристеоен предлог.

„Ако ја победиме Холандија, а во вторник Аргентина, ќе одиме во Катовице. Пресметав, за тројцата ќе чини околу 2.000 евра. Авионски карти, хотелско сместување, карти за во сала. Ама, ако навистина работните оврски ми го дозволат тоа.“

Почнав да се смеам. Ме потсети на култниот филм „Нечесен предлог“. Во случајов тој е Роберт Редфорд, а ракометната репрезентација се јавува во улога на Деми Мур. Од неа зависи дали одиме или не за Катовице, Полска.

Се буди син ми. Му го кажувам предлогот. Вечниот позитивец вели: „Ќе победиме.“

Околу 17 часот почнаа да пристигнуваат навивачите. Требаше да бидеме поголема екипа. За жал, двајца беа спречени поради здраствени причини.

Прв доаѓа Филип Ѓорѓиевски, ептен фанатик за спорт. Секојдневно со син ми разменуваат илјадници пораки поврзани со натпревари од различни спортови. Имам чувство дека имаат познавања и за лигите во Зимбабве.

Потоа доаѓа мојот сакан внук Виктор Петрески, новиот лекар во нашето семејство. Најпозитивното момче. И најстраствениот навивач на Ливерпул. Беше нервозен што неговиот тим доживеал пораз. Но, брзо се врати во реалноста. Со голем ентузијазам и познавања на ракометот се подготви за навивање.

„Деца да ве предупредам, пред Соња не смеете да зборувате лошо за Кире. Не смеете да упатувате тешки навреди до ракометарите.“ – им вели Огнен пред почетокот на натпреварот Македонија – Холандија.

Младите ме воодушевија со нивната постапка на крајот од натпреварот.

Наместо свирежи, од собата на син ми се слушна „Зига, зага, Македонија, оле, оле!“ – дел од химната „Европско од сон“ на мојот тандем Недековски.

„Поголем дел од овие млади ракометари не стапнале на европски паркет. Нивното време доаѓа.“- заклучи Виктор, младиот и надежен лекар.

Соња Алексоска Неделковска