Ѓорче Петров стартува амбициозно: Ангажира поранешен селектор и европска шампионка во стручниот штаб

Тимот на Ѓорче Петров во идната сезона стартува со големи амбиции во Женската лига. Откако беше ангажиран стратегот што освои Куп титула со машкиот тим на Металург пред две години, Оливер Димитриоски кој беше назначен за тренер на тимот, следна цел е комплетирање на стручниот штаб. Според најавите во стручниот штаб ќе се приклучат поранешни селектори и европски прваци.

Асистент тренер на Димитриоски би требало да му биде Милева Велкова, прославената македонска репрезентативка, која со Кометал Ѓорче Петров се искачи на европскиот врв во 2002 година. Велкова и досега беше дел од клубот и соработуваше со Владимир Радиќ, но најчесто работеше со младинските категории.

Како и секој амбициозен и модерен клуб, така и Ѓорче Петров, ќе има тренер на голманите, а тоа ќе биде Ангел Велков. Тој беше дел од стручниот штаб во сениорската репрезентација и дел од младинските репрезентации. Покрај комплетирањето на стручниот штаб на тимот, паралелно се работи и на играчкиот кадар.

По Симона Стојановска, која во Ѓорче Петров доаѓа од српската Наиса Ниш, клубот ангажираше и две други ракометарки. Станува збор за левото крило Анастасија Николовска, која последните две сезони беше дел од Чаир, а сега се опоравува од повредата на лигаментите, како и средниот бек од Спартак, Ана Марија Коларовска.  Во следните денови, тимот треба да промовира уште неколку нови ракометарки.