Ѓорче Петров донесе нова ракометарка – потпиша Симона Василева

По Симона Стојановска, Анастасија Николовска и Ана Марија Коларовска, Ѓорче Петров го доби четвртото засилување за новата сезона.

Нова ракометарка во редовите на Ѓорче Петров ќе биде Симона Василева од Спартак. Станува збор за ракометарка која може да игра на сите бековски позиции.

Амбициозниот проект на раководството на Ѓорче Петров и добрите услови за новата сезона биле причина, Василева да ја промени средината и да ги засили редовите на ѓорчепетровки.

„За овој клуб се одлучив поради добриот проект и добрите услови. Мојата цел е да напредувам и да научам ново од искусните тренери, Оливер Димитриоски и Милева Велкова, но и од останатите лица од стручниот штаб на Ѓорче Петров”, изјави Василева за 24 Ракомет.

Младата ракометарка додаде дека од целиот тренерски колектив од Ѓорче Петров можат да се извлечат многу ракометни знаења.

„Тренерот Оливер Димитриоски го познавам уште кога настапував во Металург и можам да кажам дека е одличен тренер и од него може да се научат многу работи. Го гледа и го цени трудот на секој играч. И од Милева може да се извлечат некои ракометни знаења кои ги има постигнато”, заврши Василева.

Претходно Василева настапуваше за екипата на Металург каде ги помина сите младински категории. Беше дел и од екипата на Цемс, а последните две сезони го носеше дресот на Спартак.