Ѓорче Петров донесе нова ракометарка – потпиша Катерина Дамјаноска!

Македонскиот шампион во женска конкуренција Ѓорче Петров продолжува да се засилува за новата натпреварувачка сезона, 2022/23, во која ќе ја брани освоената титула во домашниот шампионат.

Ново засилување во редовите на Ѓорче Петров е кружниот напаѓач Катерина Дамјаноска, која во македонскиот шампион ќе пристигне од редовите на Вардар. Новата членка на Ѓорче Петров во изминатата сезона беше меѓу најдобрите стрелци во екипата на Вардар, а освен на домашна сцена, со нејзиниот поранешен клуб настапуваа и во Европскиот Куп.

Дамјаноска својата кариера ја започна во редовите на „црвено-црните“ и ги мина сите младински категории на Вардар. 19-годишната ракометарка беше дел од составот кој дојде до пионерската круна, потоа со успех настапуваше во кадетска, младинска и сениорската конкуренција.

Претходно Ѓорче Петров се засили со Емилијана Ризоска од Феникс, Марија Јанкуловска од Пелистер, Теодора Дукоска од Чаир и Исидора Котевска од Деспина Прилеп, а договорот со клубот го продолжи Милица Николиќ.

Екипата на Ѓорче Петров во новата сезона ќе игра во групата Б заедно со Металург, Стружанка, Деспина, Овче Поле СУ, Астибо, Феникс и Кузман Вардар. Најдобрите четири екипи од регуларниот дел ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата.

Освен на домашна сцена, Ѓорче Петров ќе учествува и во Европа, односно во Европскиот Куп каде во второто коло ќе се соочи со исландскиот тим КА Пор.