Ѓорче Петров го штиклираше и Пелистер, следниот викенд може да слави нова титула!

Ракометарките на Ѓорче Петров славеа против Пелистер со 41-29 и веќе во следното коло може да ја слават титулата во Женската лига.

Домаќинките отворија со 5-1, па јасно беше каков тек ќе има овој натпревар. Битолчанки има свои моменти, но тоа не беше доволно, па Ѓорче Петров ја обезбеди победата уште по првиот дел кога беше 25-14.

Второто полувреме беше само формалност, во кое шанса за настапи добија сите ракометарки од клупата.

Најдобри стрелци во редовите на македонскиот шампион беа Анастасија Николовска и Теодора Дукоска со осум, односно седум гола, a по исто толку во поразената екипа постиигнаа Наталија Дишковска и Мари Франсоа.

Ѓорче Петров сега има 31 бод на првото место, додека Чаир е втор со 21 бод и меч помалку (против Стружанка на кој е голем фаворит), па ѓорчевки со победа против Вардар во дербито следното коло ќе ја осигураат новата шампионска титула.