Ѓер и Вајперс Кристијансад обезбедија пласман на Ф4 во ЛШ!

Денес се одиграа реванш натпреварите од две четвртфинални средби од Лигата на шампионите во женска конкуренција, а пласман на Ф4 турнирот во Будимпешта обезбедија екипите на Ѓер и Вајперс Кристијансад кои беа убедливи против Брест Бретањ, односно Крим Меркатор.

Ракометарките на Ѓер пред своите навивачи покажаа апсолутна доминација над Брест Бретањ, триумфираа со убедливи 35:23 (20:12). Ѓер победата ја завери уште во првиот дел откако успеа да се одлепи на сериозна резултатска позитива. Првата пресметка меѓу двете екипи заврши без победник, 21:21.

Најефикасна во Ѓер беше Стине Офтедал со девет погодоци, додека екс голманката на Вардар, Амандин Лејно, бранеше во добра форма и натпреварот го заврши со десет интервенции. Во поразената екипа, Паулета Фопа и Тоње Лосет беа најрасположени со по пет погодоци.

По традиција, унгарскиот великан редовно е учесник на завршницата од Лигата на шампионите и петпати ја освојуваше титулата во престижното натпреварување.

Актуелниот бранител на титулата, Вајперс Кристијансад, на реванш натпреварот против Крим Меркатор оствари лесна победа, со резултат 33:24. На првиот дуел кој беше одигран во Љубљана, резултатот беше 32:25 за Вајперс Кристијансад.

Екипите на Есбјерг и ЧСМ Букурешт ќе се борат за последното место на Ф4. Тимот од Данска на првиот дуел триумфираше минимално, 26:25. Реванш натпреварот е закажан за утре, со почеток од 16:00 во Есбјерг. Како што е веќе познато, Мец обезбеди директно учество на Ф4 турнирот поради дисквалификацијата на Ростов Дон од страна на ЕХФ.