Ѓенѓеш убедливо го победи Бутел, реваншот само формалност

Тимот на Бутел Скопје загуби убедливо на првиот натпревар од првото квалификациско коло во Лигата на Европа од унгарскиот Ѓенѓеш со 34-21, па реваншот ќе биде чиста формалност.

Домаќините отворија со водство од 6-0, а Бутел првиот гол го постигна во 10. минута. Техничките грешки во нападот на скопјани и солидниот голман Тот беа причина што Ѓенѓеш уште рано во натпреварот создаде висока предност.

Беше 7-1, во неколку наврати македонскиот тим намали на минус пет, но безидејната игра во нападот им даде шанса на домашните со лесни голови од контри и полуконтри да го полнат голот на Даскалоски. На пауза беше плус десет, 17-7.

Вториот дел Ѓенѓеш го отвори со нови три гола за 20-7 и веќе беше јасно каков тек ќе има овој натпревар. Домаќинот имаше највисоки плус 14 во 40. минута, 26-12, пред Мајиќ и Ѓоргиевски да врзат три гола за 26-15.

Сепак бутелци потоа направија три грешки по ред во нападот и Ѓенѓеш ја врати високата разлика, 29-15. Останатите петнаесетина минути до крајот беа само формалност, а Ѓенѓеш лесно ја потврди победата со конечни 34-21.

Очекувано кај домашните се истакнаа Херцег со шест голови, Воршандан со пет, како и Маркез и Халаш со по четири погодоци, додека кај Бутел најрасположен за игра беше Мајиќ, кој даде девет голови, а по три постигнаа Василевски, Ѓоргиевски и Мојсоски.

Вториот натпревар меѓу овие два тима се игра утревечер, со почеток во 18:00 часот.