Шундовски: Имам верба во екипата – кадарна е да се носи со сите предизвици и ривали!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер се во Маврово, каде ја одработуваат најтешката фаза од подготовките за новата сезона.

Тим-менаџерот на битолчани, Звонко Шундовски, се надева дека ракометарите ќе се подготват добор за сите предизвици што ги чекаат во новата сезона.

„Ова е период каде што треба да ги наполниме нашите батерии. Период каде што капацитетот на градите мора да достигне максимум. Подготовките се тешки, но не можам да кажам дали се најтешки. Имаме програма од која што се бара многу, но се надеваме дека истата ќе резултира со континуитет на добра физичка подготвеност на ракометарите за понатамошниот тек како во ЛШ, така и во домашното првенство“, изјави Шундовски.

Еурофарм Пелистер го чекаат пријателски натпревари во Добој и Охрид, каде ќе има можност да игра со квалитетни екипи.

„Играме пријателски контролни натпревари со реномирани екипи. На истите ќе видиме до каде се нашите можности и потоа ќе знаеме како да реагираме. Сепак, морам да напоменам дека имаме верба во оваа екипа која се уште е во создавање и мислам дека е кадарна да се носи со секој предизвик, односно секој противник“, продолжи поранешниот македонски селектор.

Битолчани се засилија со шестмина ракометари – Нилсен, Цехте, Борзаш и Гедбан, додека Ѓорговски и Петровиќ дојдоа од вториот тим.

„Сите играчи што ги донесовме досега се со висок потенцијал и висок квалитет. Имаат искуство во Лигата на шампионите, кое ќе ни биде добредојдено во ова наша генерално млада екипа, да ја водат низ тие тешки натпревари и се надеваме дека ќе дадат дополнително искуство во ова натпреварување. Со Гедбан очекуваме стабилна голманска позиција. Ни требаат тројца врвни, репрезентативни голмани кои ќе ги носат тие натпревари блиску до егал резутлат. Се работи за трио на доста квалитетни голмани, кои се млади, но и искусни. Се надевам ќе ни бидат добра сигурност зад грбот на одбранта“, вели Шундовски.

Македонскиот првак е во група со гиганти како ПСЖ, Кил, Келце, ПИК Сегед, а тука се Алборг, Колстад и Загреб.

„Нашите очекувања се високи. Ние не се предаваме. Создаваме еден респектибилен тим, сигурен сум дека достојно ќе им се спротиставиме на сите ривали во Лигата на шампионите. А, доколку ни се пружи шанса за победа, сигурно дека нема да ја испуштиме. На секој натпревар ќе одиме на победа, особено на тие пред битолската публика“, заврши Шундовски.

Првиот контролен натпревар битолчани го играат на 9 август против составот на Охрид, а пред настапот на турнирот во Добој, ќе одиграат и контролни дуели со вториот тим. Потоа ќе бидат дел и од меморијалниот турнир во Охрид, „Крсте Андоновски Усташ“.