Што ќе остане од Мешков Брест – и Сретеновиќ си најде нов клуб!

Се чини дека белорускиот првак Мешков Брест, кој патем годинава може и да не ја одбрани титулата во домашното првенство, во новата сезона нема да го гледаме во Лигата на шампионите. Сите странци заминуваат, ракометарите што имаа потпишано за следната сезона ги раскинуваат договори, а нови клубови бараат и белоруските ракометари….

Последен во низата ракометари што си најде нов клуб е српскиот репрезентативец Стеван Сретеновиќ. Тој потпиша договор на две сезони со унгарскиот Балатонфуреди и неславно ќе ја заврши белоруската авантура. Пред да дојде во Мешков Брест, левиот бек играше за турскиот Бешикташ, романскиот Бакау, францускиот Ним, додека во татковината беше дел од Војводина, Партизан и Железничар Ниш.

Претходно од белорускиот првак замина тренерскиот двоец Даниел Гордо и Нуњо Фарелу. Пред два месеци нивниот договор беше замрзнат, но сега добија раскин. Уште претходно од клубот заминаа Павел Пачковски, Баптис Бонфон, Јака Малус и Иван Пешиќ, отказ доби Дмитри Санталов, а на крајот од сезоната сигурно заминува и Сташ Скубе во францускиот Монпелје.

Иако имаше договор и за наредната сезона, Станислав Кашпарек оди во романскиот Динамо Букурешт, па останува уште Владимир Врањеш да го пронајде новиот клуб за наредната сезона.

Заминува и првата ѕвезда Никита Вајлупов во унгарскиот Веспрем, како и голманот Иван Мацкевич кој се договори за соработка со грчкиот АЕК Атина, додека сигурно многу европски екипи во своите редови би имале место и за Андреј Јуринок, Максим Баранов, Вјачеслав Салдаценка, Вјачеслав Шумак…