Што им кажал селекторот Лазаров на ракометарите во соблекувалната?

 Македонија по најтешкиот пат ќе брка пласман во главната фаза од СП 2023, и ќе мора да ја победи Аргентина во последното коло. Селекторот Лазаров по поразот од 24-34 од Холандија доцнеше на официјалната прес-конференција на што холандскиот селектор оправдано реагираше.

Сигурно имал што да им каже Лазаров на ракометарите во соблекувалната, а и репрезентативците беа свесни дека одиграа слабо и на истите грешки по вторпат добија „десетка“. Затоа по официјалната прес-конференција, Лазаров откри што всушност им кажал на своите избраници по натпреварот.

„Ние знаевме дека тие се подобри од нас, пробавме да направиме се, да се подготвиме, добро трениравме и работевме, не успеавме да ги изненадиме, но боли крајниот исход, и од првиот и од вториот натпревар. Треба да научиме од ова, мислам дека момците се свесни и не треба тука многу да се паметува. Значи ни фали нешто, мислам дека имаме добра екипа, потенцијална за во иднина, но пред натпреварот им реков на играчите дека треба да знаете да победувате за да ја достигнат нашата генерација и да ја надминете. Ние кога почнувавме, исто беше вака, но чекор по чекор растевме. Се надевам дека оваа генерација побрзо ќе порасне. Не е срамота да се изгуби од Холандија или од Норвешка, сепак, боли гол разликата. Треба да се работи многу во иднина на таа работа. Сега не треба да анализираме, ќе имаме доволно време за тоа. Ќе направиме се, да пробаме да се мобилизираме и да дадеме еден добар натпревар против Аргентина каде што ќе бидеме конкурентни за победа и мислам дека по квалитет сме тука некаде. Ќе дадеме се од себе да победиме и да одиме во втората рунда, со цел да ги искористиме уште тие три натпревари за играчите да можат да се надоградуваат“, вели Лазаров.

Селекторот смета дека одбраната против Холандија била за нијанса подобра од претходната средба, но дека нападот потфрлил.

„Недостигаат многу работи, се зборува доста за одбраната, јас се сложувам, одбраната е слаба, денеска одбраната за нијанса беше малку подобра. Но, многу грешки правиме и во напад и репрезентации од ваков калибар како Холандија и Норвешка тоа го казнуваат. Јас и стручниот штаб потенцираме на таа работа, играчите се жедни за игра, за победа и мора повеќе заеднички да комуницираме. Им кажав на момците во соблекувална дека атмосферата е одлична, но нашата генерација кога го достигна зенитот, немаше добра атмосфера, но победуваше. Не е се до атмосферата и на момците им кажав дека имаме уште еден натпревар, дојдовме да поминеме во следна рунда, ова не ми се допаѓа, изгубивме достоинствено, но зошто кога намалуваме да не заврши пет-шест гола разлика, така беше и со Норвешка. Сакаме да се самодокажуваме? Не можеме…

Селекторот вели дека оваа генерација е талентирана и дека ја чекаат успеси во иднина.

„Ова е колективен спорт, а верувајте дека многу сме посветени, работиме многу и ќе работиме. Треба да сфатиме една работа, дека ова е колективен спорт и гледаме дека сите одат напред. Ние имаме талентирани играчи и генерација, ќе правиме успеси во иднина, на тој пат сме тргнати, ова е големо искуство, но за тоа ќе зборуваме потоа, сега е најважно да се пласираме во следната рунда, да одиграме уште три квалитетни натпревари, да пробаме да исправиме некои работи од првите натпревари, мислам дека можеме и со Србија, Германија, како и Катар. Дојдовме да поминеме во следната рунда и ќе направиме се да биде така, видовте и сами дека ако на првиот меч бев нервозен и лудо верував во ништо, денес без смирен, едноставно видов дека се подобри, но едноставно сакав да имаме достоинствен пораз, тоа им го кажам на играчите. Треба да имаме достоинство и ако губиме од подобар ривал да губиме со достоинство, тоа само ме лути, но тука не може на сила да ги решавате работите“, заврши Лазаров.

Македонија против Аргентина ќе игра на 17 јануари од 18:00 часот во „Таурон Арена“.