Шоштариќ одбра 20 „кралици на шокот“ за ЕП

Селекторот на женската репрезентација на Хрватска, Ненад Шоштариќ денес го објави списокот на играчи за подготвителниот период, како и за настап на Европското првенство 2022, кое ќе се одржи во Македонија, Црна Гора и Словенија.

На списокот кај Шоштариќ партиципираат 20 ракометарки, а како што е веќе познато, три стандардни репрезентативки поради повреда нема да настапат на континенталниот собир во ноември.

Тоа се Јосипа Мамиќ, Ана Турк и носителот на играта на „коцкестите“ Ќамила Мичијевиќ. Неизвесен е настапот на Дејана Милосављевиќ, која имаше операција на левата рака.

Според ростерот и квалитетот, селекцијата на Хрватска ќе има тешка задача да го повтори успехот од Европското првенство пред две години кога го освои третото место и беше едно од најголемите изненадувања на Европското првенство во Данска.

Собирот на хрватската репрезентација е закажан за 24 октомври во Загреб. Веднаш по собирот хрватската експедиција ќе отпатува за Пореч каде што ќе остане до 2 ноември. Во текот на завршните припреми, избраничките на Шоштариќ ќе одиграат неколку пријателски натпревари против словенечката репрезентација.

Хрватска на Европското првенство 2022 во првата фаза ќе игра во група заедно со Норвешка, Унгарија и Швајцарија. Ракометарките на Хрватска токму против Швајцарија ќе ја бараат својата шанса за влез во следната фаза од Европското првенство, но ќе се обидат да изненадат против поквалитетните селекции на Норвешка и Унгарија.