Шок во Трондхајм: Карабатиќ и другарите си одат дома во вторник

Репрезентацијата на Норвешка ја совлада Франција и ја елиминираше од Европското првенство. Еден од фаворитите на првенството натпреварувањето го завршува уште по првата прелиминарна фаза откако денеска претпе пораз со 26:28 што е втор пораз после оној од Португалија завчера.

Норвешка беше претежно во водство во првиот дел, но во финишот Франција успеа да го сврти резултатот и да отиде со плус еден на одмор, 15:14. Почетокот на продолжението им припадна на Французите кога стигнаа до три предност 18:15.

Потоа следуваа добри минути на Норвешка, а во клучните моменти на голот на Норвешка блескаше Бергерут кој одбрани неколку тешки топки. Водството поторно беше на страната на Норвешка и се задржа на два до три во завршните минути за конечна победа и елиминација на Франција.

Најефикасен во тимот на Норвешка уште еднаш беше Сандер Сагосен со седум гола, додека во тимот на Франција, Фабрегас постигна осум погодоци.

Репрезентацијата на Словенија стигна до голема победа против ко-домаќинот Шведска во второто коло со 21:19. Словенечките ракометари имаа извонредно издание и во тежок меч со малку голови обезбедија пласман во втората фаза.

По првиот дел Словенија имаше предност 10:9, а исто така и во вториот дел беа подобри за еден гол за вкупна победа. Швеѓаните немаа решение за добро организираниот противник и го забележаа првиот пораз на првенството.

Најефикасен во составот на Словенија беше Доленец со седум гола, а во составот на Шведска најдобар беше Готфритсон со пет погодоци.